Македонија
Доктор Фуштиќ за обвинувањата од Пехчевски дека му го условила лекувањето: Контактите со новинари може да ги остварува надвор од болница
Медицинскиот директор на Клиниката за детски болести, Стојка Нацева-Фуштиќ не ги негира обвинувањата од Игор Пехчевски, пациент со цистична фиброза, дека лекувањето му го условила со неконтактирање со новинари додека е во болницата – а дека во спротивно нема да има место за него во установата. Докторката, посочува дека таа му излегла во пресрет, а тој мора да ги почитува правилата. Прашана дали има анимозитет кон Пехчевски, Нацева-Фуштиќ за „Макфакс“ вели: „За мене сите пациенти се еднакви“.
„Игор е возрасен пациент – 32 години и по возраст не припаѓа на Клиниката за детски болести, туку на Клиниката за пулмологија. Но бидејќи секогаш им излегувам во пресрет на пациентите, во услови на немање место за прием на Клиниката за пулмологија, по неговото јавување го примивме на Клиниката за детски болести за да му помогнеме бидејќи не се чувствувал добро. На Клиниката за детски болести треба да ги почитува правилата на болницата и за сите активности треба да биде информиран Раководителот на одделот или Директорот. Контактите со новинари може да ги остварува надвор од болницата“, вели Нацева-Фуштиќ за „Макфакс“.
Самата посочува дека отпусната листа на пациентите им се дава на денот на испис од болница, а прашана зошто Пехчевски ја доби на 14-ти со датум од 18-ти април, докоторката објаснува дека му ја дала во случај да се предомисли и да си оди порано.
„Отпусната листа се дава на денот на испис; ако се договориме пациентот да си оди за време на викенд или празник, претходно му го изготвуваме отпусното писмо и прилогот (за да не доаѓа посебно за тоа ако не е од Скопје). Исписот административно го правиме во работен ден. Венската антибиотска терапија вообичаено трае 10 до 14 дена, во зависност од тежината на егзацербација на белодробната болест. На Игор му предложив, поради Велигденските празници, ако сака да си оди 12-тиот ден од антибиотската терапија (во сабота) бидејќи беше стабилен. Тој не беше сигурен, прво рече да, потоа ќе седел до вторник. Му ја дадов отпусната листа во случај да се премисли. Неговата историја не е затворена, таа административно се затвара кога ќе си отиде пациентот“, додава докторката и медицински директор на Клиниката за детски болести, Нацева-Фуштиќ за „Макфакс“.
Децидна е дека на Пехчевски, терапија не му е ускратена.
„Никој не му ускратил 2 дена терапија. Ви одговорив дека терапијата може да трае и помалку и повеќе, во зависност од состојбата на пациентот. А Игор беше во стабилна состојба и ако не му значат Велигденските празници (ми кажа дека е голем верник), му реков дека може да остане до 18.04. (како што му е во отпусното писмо). Неговата болничка историја не е затворена“, додава Нацева-Фуштиќ.
Пред три дена, Игор Пехчевски кој е сместен на Универзитетската клиника за детски болести каде прима терапија за цистична фиброза, ја обвини Д-р Стојка Нацева Фуштиќ, која е в.д. медицински директор на детската клиника дека му се заканила oти ако дава изјави за лекот „трикафта“, за него нема да има место во болницата за лекување.
Асоцијацијата за цистична фиброза се огради од ставот на Игор Пехчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Габриел: Стратешко партнерство за европски инвестиции во животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со Бјорн Габриел, раководител на Канцеларијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Северна Македонија.
На средбаta, Хоџа и Бјорн разговараа за продолжување на досегашната соработка меѓу Министерството и ЕИБ, со посебен фокус на имплементацијата на стратешките проекти во областа на животната средина и водната инфраструктура.
Хоџа ја истакна важноста на континуираната поддршка од ЕИБ во реализацијата на проекти кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и заштитата на животната средина.
Бјорн нагласи дека Европската инвестициска банка, како банка во сопственост на земјите членки на Европската Унија и како најголема мултилатерална финансиска институција, поддржува одржливи проекти кои придонесуваат кон остварување на стратешките цели на ЕУ, со посебен фокус на Европа.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија имаат потпишано два кредитни договори со ЕИБ, и тоа 68 милиони евра за проектот „Изградба на станица за третман на отпадни води за градот Скопје“ и 50 милиони евра за проектот „Подобрување на водната инфраструктура во општините“, кој опфаќа 80 општини во државата.
Покрај кредитите, ЕИБ обезбедува и грантови за техничка помош, а во рамки на проектот за станицата за третман на отпадни води во Скопје се обезбедени 69 милиони евра грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), кои се администрираат преку ЕИБ како водечка банка на проектот.
Бјорн повторно ја потврди посветеноста на ЕИБ за целосна поддршка во реализацијата на проектите, потенцирајќи ја тесната соработка со проектните тимови, редовното учество на координациски состаноци и улогата на ЕИБ како мост помеѓу институциите на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна соработка со цел успешна имплементација на приоритетните проекти во областа на животната средина.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

