Македонија
Заев: ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дека поништувањето на преспанскиот договор ќе нѐ врати од ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев е убеден дека доколку лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дојде на власт, ќе ги поништи договорите и со Грција и Бугарија. Тој денес, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека ќе го поништи преспанскиот договор ако дојде на власт и покрај тоа што стратешка цел и на ВМРО-ДПМНЕ се ЕУ и НАТО, рече дека токму затоа нема да дојде на власт.
„Да, господинот Мицковски, ако дојде на власт, ќе го поништи договорот со Грција, преспанскиот договор, ќе го поништи и договорот со Република Бугарија, ама затоа нема да дојде на власт и затоа тоа не е возможно“, рече премерот Заев.
Тој нагласи дека договорите не се работи за кои треба да се шегуваме, туку тие се сериозни.
„Колку што беше тешко и беше потребна храброст да се донесат сите тие одлуки, со иста тежина, иста храброст, одлучност и одговорност треба да се пристапува и кон иднината на овие прашања. Јас не се сомневам дека ВМРО-ДПМНЕ, ако дојде, ќе го поништи договорот, ќе направи сè за да поништи договорот. Но, истовремено треба чесно да им каже на граѓаните дека тоа ќе нè држи надвор од Европската Унија и НАТО, да не зборувам дека ќе нè скара повторно со соседите, какви рефлексии ќе има тоа врз економијата, какви рефлексии ќе има врз целиот регион и тоа треба да го каже. Го гледам во сите тие интервјуа, вели: ‘јас се нарекувам Македонец, зборувам македонски јазик и ќе ја нарекувам државата Македонија’. Јас како Зоран Заев исто така ја нарекувам државата Македонија, сум Македонец, зборувам македонски јазик, но како претседател на Владата, во согласност со Уставот и законите, државата е Република Северна Македонија, а јас сум Македонец што зборува македонски јазик, е тоа е одговорно. Ако, не дај боже, еден претседател на влада, кој и да е, не го употребува уставното име на државата – Република Северна Македонија, треба и тој да знае што следува, а треба да знаат и граѓаните. Тоа значи нова горчина преку ново вето, кое веднаш ќе ни се испорача и ќе бидеме повторно блокирани и ќе чекаме повторно 15 години како кандидати. Ќе чекаме некој да дојде повторно да ги врати работите на нормала. Толку е едноставна работата“, рече премиерот Заев.
Тој порача дека е чесно кога некој кој најавува поништување на договорите, треба да објасни и како понатаму ќе гарантира членство во НАТО и ЕУ.
„Овие наши стратешки цели не се оти така ги избравме и не се така затоа што постојат од 91, па нам сега ни паднало на памет тоа да го правиме, туку поради тоа што тие цели носат економија, носат економски стандард, носат инвестиции, градат пријателство, од кое многу компании инвестираат во државава. Имаме неколку бугарски компании што инвестирале кај нас по договорот во металуршката, рударската дејност, во преработката во прехранбената индустрија, во медикал-канабис, во повеќе дејности. Сите тие се со таргет отворање повеќе од 3.000 работни места. Тоа се 3.000 наши граѓани што добиваат поголеми плати. Затоа е многу важно да бидеме сериозни во политиката“, рече премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Срамна епизода „Стево и Плочата“ до вчера се фалеше, денес вели дека била спомен плоча од времен карактер

Според опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски води политика од денес за утре.
„Се е сведено само на гол пиар и зад неговите ставови и потези нема никакна стратегија, туку се води според народната купи ден помини. Пред само една недела Пендаровски бомбастично ја промовираше својата посета на манастирот Свети Прохор Пчински кај што се одржало првото заседание на АСНОМ“, велат од партијата на Мицкоски.
„Поминаа само фалбите на Пендаровски, помина пиарот и по принципот на потемкино село, работите ги снема.Она на кое што Пендаровски посвети најмногу фалење, а тоа е спомен плочата во манастирот, веќе е тргната. Но Пендаровски не би бил Пендаровски, ако не си ги порекне своите зборови. Тој секој пораз знае да го преставува како победа, ама сосема друго прашање е колку му веруваат граѓаните. Па така и во овој случај неговиот кабинет се брукаше па објаснува дека спомен плочата била од “времен карактер“ (!?) Веројатно во светот ова е единствен случај на времена стави-вади спомен плоча која како потемкино село се става и вади само за очите на јавноста“, се додава во писмената реакција од опозициската партија.
Оваа срамна епизода „Стево и плочата“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е продолжение на безличната политика на Пендаровски, која во последните неколку месеци ја збогати, како што велат, со зачестени пишман изјави во стилот на неговиот соработник Заев.
„Пендаровски треба да знае дека и тој како и целата оваа екипа на СДСМ ќе завршат на историското и политичкото буниште заради сите лаги, понижувања и порази кои му ги приредија на народо“, се потенцира во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Лагите на ВМРО-ДПМНЕ потонаа, во ЕУ со заштитен македонски идентитет и јазик

СДСМ со одговорен, државнички пристап за само пет години ги реализира двете најголеми стратешки цели на државата, поставени при осамостојувањето пред повеќе од 30 години, потенцираат од оваа партија.
„Република Северна Македонија е полноправна членка на НАТО. По 17 години кандидатски статус ги започнавме и преговорите за членство во Европската унија и тоа со заштитен македонски идентитет и чиста формулација за македонскиот јазик. Лагите на ВМРО-ДПМНЕ потонаа, нема асимилација, ни бугаризација. Но и покрај тоа што сите нивни лаги се демантирани, од белиот дворец продолжуваат да шират невистини за некакви нови договори и да измислуваат конструкции“, се истакнува во соопштението од СДСМ.
Додека ВМРО-ДПМНЕ лаже и го плаши народот, СДСМ, додаваат од таму, продолжува со одговорни политики, политики кои го штитат македонскиот јазик и идентитет и кои обезбедуваат напредок во интеграцијата на државата во ЕУ.
Македонија
На Табановце и Богородица се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На г. п. Табановце и г.п. Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.