Македонија
Заев: Ципрас ми е брат до смрт

Пет години по договорот од Преспа, поранешниот премиер, Зоран Заев, зборуваше за вестите на грчката телевизија One chanel говорејќи за ратификацијата на меморандумите од грчкиот парламент, „братот Алексис Ципрас“, изборите во СИРИЗА, војната во Украина, но и иднината на Западен Балкан во Европската Унија.
За договорот од Преспа, Заев рече дека заедно со тогашниот премиер Ципрас направиле чекор напред и го отвориле патот за нова перспектива и подобра иднина за нашите земји.
„Пред пет години храброста и визијата на тогашните влади на Атина и Скопје ставија крај на тековното горчливо несогласување воведувајќи нова ера на соработка и регионална стабилност. Со договорот од Преспа невозможното го направивме возможно. Покажавме дека дипломатијата може да ги надмине конфликтите и поделбите, го ставивме поголемото и општо добро над сопствените интереси. Денес, Северна Македонија е горда и достојна членка на НАТО, сојузник со Грција. Ние споделуваме заеднички визии за безбедност и мир во светот со најголемиот безбедносен сојуз. Договорот од Преспа ја приближи и Северна Македонија до Европската Унија. Благодарение на големата поддршка од Грција и со другите партнери и поддржувачи, посветени сме на градење посветла иднина за нашите граѓани и генерациите што доаѓаат“, рече поранешниот премиер.
Заев во интервјуто изрази уверување дека грчката страна целосно ќе го заврши делот од договорот со кој се обновуваат ознаките на патиштата бидејќи е пет години по договорот од Преспа да се сменат сообраќајните знаци во Грција што водат во непостојна земја со кратенката ФИРОМ.
За Алексис Ципрас и неговата оставка од претседателската функција на СИРИЗА, Заев рече: „Знаете дека Алексис е мој брат. И ќе бидеме браќа до крајот на животот бидејќи заедно имавме доволно храброст да ги пресечеме овие бариери меѓу нашите земји и да изградиме братска соработка меѓу Грција и Северна Македонија“.
Додаде дека граѓаните во Северна Македонија и во Грција имаат сличен менталитет, слични традиции, повеќето наши граѓани се православни, разновидна земја сме, имаме и други малцинства во нашата земја, но ние сме овде на Балканот.
„Храброста што Алексис им ја покажа на грчкиот народ, на граѓаните на Балканот, на ЕУ и на луѓето од целиот свет ќе го паметиме до крајот на животот и, секако, на генерацијата пред нас. Тоа го препознаа западниот свет, западниот демократски свет и остатокот од светот. Го гледав како се бори и на последните избори. Тој е многу прогресивен, има многу позитивен карактер и верува во подобра иднина за грчките граѓани, и за ЕУ и целиот Балкан. Цело време разговарав со него, се обидов да го охрабрам, но во демократијата, на крајот од денот, народот одлучува кој ќе владее. Верувам, како што му кажав, кога една врата се затвора, три други се отвораат. Има и други можности како да се бориме за подобар живот на нашите граѓани, за прогресивни вредности, за западните вредности, за европските вредности“, рече Заев во интервјуто.
Ако комшијата ти е добро, вели Заев, и ти си добро. Ако комшијата оди во добра насока, и тоа ќе има позитивни резултати за тебе. Така, верувам дека пет години подоцна, договорот од Преспа донесе многу придобивки за народот на Северна Македонија, а исто така и за народот на Грција.
„Тоа беше лекција за другите земји како да ги решаваат прашањата со храброст штитејќи ги интересите на земјата, но и фокусирајќи се на иднината, а не на минатото. Да, го признаваме минатото, но мора целосно да се фокусираме на иднината. Да обезбедиме добра иднина за младите, за децата од следната генерација и лично многу се гордеам на тоа. За сè што постигнавме со Алексис. И мислам дека и Алексис Ципрас се гордее на тоа и многу сум благодарен што и актуелната влада во Грција, Нова демократија, потврди дека тоа што го кажавме е конечен договор. И сега правиме бизниси, имаме соработка на разни нивоа, на спортски, на бизнис, на ниво на образование, на културно ниво. Знам дека следните години ќе донесат уште повеќе“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.