Македонија
Демократски е ставот на Заев за одбрана на Анѓушев, но Ковачевски ги охрабри институциите да постапат и да побараат информации од САД
Одбраната од експремиерот Зоран Заев за поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев откога САД го стави на црна талиста, сегашниот премиер Димитар Ковачевски вели дека е легитимен и демократски став. Тој не сакаше да ги коментира ставот на Заев и влијанието на тој став врз партијата СДСМ, но ги повика домашните институции, доколку сметаат дека е потребно, да побараат информации од институциите во САД.
„САД се наш стратешки партнер. Тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури што се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам ниту, пак, имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни, не би можел да дадам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД. Имаше и брифинг од нивата амбасадорка во Скопје. Она што останува е во согласност со нашите процедури во Северна Македонија, од наши институции, доколку сметаат дека има потреба да може и да побараат информации од институциите на САД во однос на процесите што тие ги водат“, рече премиерот Ковачевски по промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните (1948-2023)“.
Реакција од домашните институции за Анѓушев побара и министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Таа во ставањето на Анѓушев на црната листа не гледа задна намера од САД, туку смета дека е порака доашните институции да направат дополнителни проверки.
Во одбрана на Анѓушев отворено застана само поранешниот премиер Зоран Заев. Тој пред два дена ѝ се спротивстави на американската амбасадорка Анџела Агелер и во писмо до медиумите рече дека Кочо Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во Владата во периодот додека тој бил премиер.
САД на почетокот на месецот ги стави на црната листа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, неговата сопруга и двете деца поради значителна вмешаност во корупција. Амбасадорката Агелер, пак, оваа недела, на брифинг со неколкумина новинари рече дека за Анѓушев имаат цврсти докази во повеќе случаи и најави дека на листата ќе се најдат нови лица од Македонија. Агелер рече дека во земјата има епидемија на корупција, но изостанува реакција кај судската и извршната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Извршивме порибување на рекреативната зона акумулацијата Градче со 185кг подмладок на крап
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во работна посета на Кочанскиот регион и општина Чешиново-Облешево каде што оствари повеќе средби со земјоделците од овој регион, но исто така изврши и порибување на акумулацијата Градче.
Денеска заедно со пратениците, градоначалникот и концесионерот извршивме порибување на акумулацијата Градче со 185 килограми подмладок на крап. Подмладокот е обезбеден од репро центарот Акватика и истиот поседува здравствен сертификат, порибувањето се изврши во присуство на инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство. – изјави Трипуновски.
Порибувањето се врши се со цел одржување на рибниот фонд во акумулациите ширум територијата на Република Македонија и овозможува одржување на водниот свет како и можност за рекреативен риболов.
Зачувување на рибниот фонд во Република Македонија е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе извршиме порибување и на останатите акумулации за да го зачуваме еко системот и рибниот фонд во Република Македонија.
Македонија
Лукаревска: СДСМ има луѓе кои никогаш нема да отстапат од социјалдемократските вредности за слобода, правда, еднаквост и просперитет
“Денеска е 27 април, точно седум години од “крвавиот четврток” во македонското собрание. Слободата и демократијата што ја имаме и живееме во изминатите седум години имаат своја цена. Сите големи успеси на СДСМ и на сите прогресивни граѓани имаат висока цена, ама вредеше, некои работи не смеат да се заборават, за да не се повторат. Затоа ние остануваме со граѓаните, со сите вас кои што верувате во единствениот исправен пат за државата, во членството во Европската Унија како најцврста гаранција за сигурна и безбедна иднина. Само заедно можеме да ја оствариме таа цел, зашто е наша, заедничка”, изјави носителката во третата изборна единица, Сања Лукаревска.
Лукаревска истакна дека СДСМ е голема, силна партија, која што секогаш донесувала правилни одлуки за сигурна иднина на државата.
“Никогаш нема да се откажеме од нашите социјал- демократски вредности за слобода, правда, еднаквост и просперитет за сите граѓани, без поделби и раздор, без крвави сценарија. Ние веруваме во заедничка, подобра, европска иднина за сите граѓани. И на 8 мај, и по 8 мај, ќе покажеме и докажеме дека СДСМ има луѓе кои никогаш нема да отстапат од нашите вредности, ги браневме и ќе продолжиме со истата посветеност, за нас нема друг пат. Да продолжиме заедно, да покажеме одлучност, можеме, како и пред седум години, заедно со сите прогресивни граѓани за сигурна и безбедна иднина”
Uncategorized
Спасовски: Насилниците од 27 април никако не смее да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат помилувани
Денешниот ден 27 април не смее да биде заборавен, ова е најцрниот ден во историјата на македонската демократија, рече денеска на прес-конференција, Оливер Спасовски, носител на ИЕ2 од СДСМ.
„На 27 април 2017 година се случи напад на Собранието, со план да се убијат пратеници, новинари и стручни служби на Собранието. Насилници коишто беа поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ влегоа да ја остварат оваа цел. Затоа никако не смееме да дозволиме насилниците да се нарекуваат уставобранители, ниту пак да бидат тие коишто ќе бидат помилувани и на коишто ќе им биде простено за стореното“, рече Спасовски.
„Затоа е многу важно да разбереме сите дека овој десничарски режим во тоа време направи удар врз Уставот, државата и демократијата. Важно е да знаеме дека ваквиот пристап на една политичка партија може да ја сруши демократијата и слободата на граѓани и државата“, изјави тој.
Прес конференцијата се одржа пред Собранието каде беше поставен видео бим на кој се емитуваа снимки од инцидентите во Собранието. Веднаш до видео-бимот беа расфрлани и неколку искршени столчиња и други предмети.