Македонија
За една година во новиот ургентен центар во кумановската болница извршени 50 илјади хируршки прегледи и интервенции
Во новиот ургентен хируршки центар сместен во кругот на Општа болница Куманово за една година од пуштањето во употреба кон крај на јули минатата година до денес се извршени 34.100 хируршки и 8.000 отропедски прегледи. Направени се и 7.600 преврски, имобилизации, како и други хируршки интервенции, посочува директорката на ОБ Куманово, д-р Снежана Захариева.
Комплетно новиот објект на ургентниот центар е со површина од 750 метри квадратни и овозможува над 200 илјади граѓани од североисточниот регион на едно место да добијат хируршки, ортопедски и анестезиолошки третман со современа медицинска опрема во амбулантите и во дневната болница.
Oд кумановската болницата посочуваат дека има добра екипираност на медицинскиот кадар. Посебно значајно е што неопходната здравствена услугата се обезбедува на едно место, што дава подобра можност за комуникација, консултација и решавање и на најтешките случаи. Во ургентниот центар се третираат пациентите кои доаѓаат со упат од матичен лекар, но и тие кои дошле за некоја ургентна или животозагрозувачка состојба.
„Продолжуваат инвестициите во кумановската болница, се чека новиот оперативен стол за офталмолошката сала, набавен е и тимпанометар за ОРЛ-одделот, обезбедени се и поголем број монитори, а се планира и преуредување на одделот за неврологија, каде ќе се набави и нов ЕЕГ-апарат со средства од болницата“, посочува директорката Захариева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Безбедно пронајдени и евакуирани граѓани од височините на Осоговските планини
Денеска, во 16.15 часот од лицето за контакт од Доброволнота спасувачка служба „Осогово“ Кочани, ЦУК добил известување дека неколку лица враќајќи се од настан на „Царев Врв“ на Осоговски планини имале дефект на возилото и истите побарале помош.
Даден бил совет лицата да се јават на бројот 112 за да се утврди нивната локација.
Откако се лоцирани, лицата биле пронајдени во добра состојба и истите со возило на ДСПС „Осогово“ се вратени во викенд населба ,,Пониква”.
Нивното возило заради дефект е оставено на местото каде се најдени и дополнително ќе го отстранат сопствениците, информираат од ЦУК.
Македонија
Сиљановска Давкова со италијанскиот претседател Матарела: побарани гаранции за европските интеграции
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Италијанската Република денеска оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела.
На средбата, претседателката изрази задоволство што нејзината прва посета на земја членка на ЕУ и НАТО е во Италија, што претставува потврда за пријателските односи меѓу двете земји и истакна дека ќе се залага за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи на македонската со Италијанската Република.
Двајцата соговорници разменија мислења за предизвиците на македонскиот евроинтегративен процес при што претседателката упати благодарност за досегашната италијанска поддршка на политиката на проширување на Европската Унија, како и за позитивниот однос при надминување на меѓусоседските спорови при приемот на нови членки во Унијата. Со цел одржување на кредибилноста на процесот на проширување, почитување на меѓународното право и универзалните демократски вредности, Сиљановска Давкова изрази надеж дека Италијанската Република и во иднина ќе го поддржува мериторниот процес на исполнување на Копенхагенските критериуми во однос на евроинтеграциите. Воедно, таа изрази подготвеност за соработка со цел доследна реализација на сите неопходни реформи во клучните области кои беа нотирани од страна на Европската Комисија.
Како НАТО сојузници, на средбата беше потврдена подготвеноста за продолжување на одбранбената соработка и меѓусебна поддршка во однос на надминување на актуелните безбедносни предизвици на европскиот континент. Во таа насока, беа разменети мислења околу политичките состојби и отворените прашања на Западниот Балкан, коишто се од интерес за безбедноста и стабилноста на поширокиот регион.
Посочувајќи дека Италија е наш значаен трговски партнер, Сиљановска Давкова искажа интерес за засилување на постоечките и изнаоѓање на нови можности за продлабочување на економските односи и проширување на соработката во областа на туризмот, политиките за млади и спорт, како и на креативната индустрија.
Во изјава за медиумите таа ја оцени средбата како плодна и конструктивна, на која претседателот Матарела ја потврдил заложбата на Италија да го поддржува регионот и да нè поддржува нас во секој поглед, не само во евроинтеграциите туку и во економијата, образованието, културата, одбраната, како и италијанското и нашето членство во меѓународни организации.
„Јас побарав од италијанскиот претседател и од Италија, на нашиот натамошен пат да помогнат околу давање гаранции, гаранции за нашата европска политичка иднина, на што тој одговори дека е спремен да застане зад нас, се разбира во барањето на решенијата со соседите, рече Сиљановска Давкова, нагласувајќи дека италијанскиот претседател изразил длабоко разбирање за направените жртви во процесот на евроинтеграциите.
„Постигнавме согласност или се согласивме дека европските стандарди треба да се почитуваат од сите и од оние надвор, како нас, но и од оние внатре“, истакна претседателката со италијанскиот претседател Матарела.
Претседателката Сиљановска Давкова престојува и ја предводи државно-црковната делегација во посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Сервисни информации
АМСМ: Сообраќајот се одвива непречено, на граничните премини нема подолги задржувања
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.