Македонија
Кичеец пуштен во домашен притвор

Судијата на претходна постапка го уважи предлогот на одбраната на второосомничениот во случајот „Рекет“ Зоран Милевски – Кичеец, како основан, по добиено мислење од обвинителството. Според тоа, Кичеец ќе биде пуштен во домашен притвор, соопшти Основниот кривичен суд во Скопје.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлог на одбраната на З. М., опфатен во предметот во јавноста познат како ‘Рекет’, за укинување на мерката притвор и определување мерка куќен притвор од 19.09.2019, истиот го достави на мислење кај надлежен јавен обвинител. Денеска по добиено позитивно мислење од обвинителството, предлогот на одбраната да биде уважен како основан, судијата на претходна постапка, согласно законските одредби, донесе решение со кое мерката притвор се укинува и се определува мерка куќен притвор“, се вели во соопштението од судот.
Со оглед дека жалбата не го одлага извршувањето, од Основниот кривичен суд информриаат дека решението е испратено до странките, а обвинетиот ќе биде спроводен на издржување на мерката куќен притвор во неговиот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Засилени полициски контроли – вчера казнети 777 возачи и пешаци

Во рамки на вчерашните (08.05.2025) активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа издадени 777 платни налози.
Најбројни се прекршоците за непрописно паркирање 256, а потоа прекршоците по основ на возење со брзина поголема од дозволената – 175.
Покрај ова, вчера регистрирани се и 69 учесници во сообраќајот кои што не поседувале возачка дозвола, во девет случаи откриени се возачи под дејство на алкохол, шестмина возачи минале на црвено светло, а санкционирани се и 25 пешаци.
Исто така, по основ на неносење сигурносен појас изречени се 44 прекршочни платни налози, санкционирани се 11 возачи на мотоцикл за неносење заштитна кацига, а по основ на користење мобилен телефон при возење изречени се 28 платни налози. Од сообраќај, пак, се исклучени вкупно 22 возила од кои осум биле технички неисправни а 14 биле нерегистрирани.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Општина Ѓорче Петров го одбележа 9 мај – Денот на победата над фашизмот

На споменикот на партизаните – симбол на отпорот и жртвата за слобода, со длабока почит и во духот на незаборав, денеска во паркот во Ѓорче Петров беше одбележан 9 Мај – Денот на победа над фашизмот.
На настанот присуствуваа бројни делегации кои им оддадоа почит на борците за слобода. Делегацијата од Општина Ѓорче Петров ја предводеше градоначалникот Александар Стојкоски кој во своето обраќање истакна дека овој ден не е само историски настан, туку ден на живо сеќавање.
„Ова е и ден кога се потсетуваме на оние кои застанаа против најголемото зло на 20 век и го платија тоа со сопствениот живот, верувајќи во слободата, правдата и достоинството. Пред повеќе од осум децении, нашите предци – храбрите партизани од Народноослободителната борба, со срце полно љубов кон родната земја и со неуморна верба дека Македонија заслужува слободна иднина, ја заокружија вековната борба на македонскиот народ за своја држава“, рече градоначалникот, додавајќи дека слободата која ја уживаме денес е резултат на жртва која заслужува длабока почит.
Тој посочи дека денешната борба е различна – таа не се води со оружје, туку со збор, со избор и со одговорност.
„Денешниот непријател можеби не е облечен во униформа, но се крие во обидите за бришење на историска вистина, манипулација со идентитет или заборав на жртвите“, нагласи Стојкоски.
Да ја чувате Македонија, додаде, не значи само да ја сакате, туку и да се борите за вистината, за правдата, за чесноста, за достоинството – вредности кои не застаруваат и кои се темел на секое здраво општество.
Во духот на наследството од НОБ, Стојкоски повика на пренесување на пораките за слобода и храброст на младите генерации.
Македонија
Јаневска: Со квалитетни идеи и повеќе партнери на образовните установи, дополнително ја стимулираме еколошката одговорност кај младите

„Образовниот систем ги насочува младите да се грижат за средината во која живеат. Наставните програми во сите одделенија содржат елементи кои ја подигнуваат свеста за ризиците од загадувањето и поттикнуваат превентивно делување. Но, со повеќе партнери на институциите и на образовните установи, и добри иницијативи што лесно се препознаваат, еколошката едукација може постојано да се унапредува“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на отпочнувањето на годишната национална кампања за собирање отпад „Генералка викенд 2025“ на Скопскиот аквадукт, организирана од Мен Енд Маунтен во соработка со повеќе партнерски компании и граѓански здруженија, а која е поддржана и од Министерството за образование и наука.
„Задоволство ми е што како министерство, неодамна со Мен Енд Маунтен потпишавме меморандум за соработка за да ја поддржиме оваа масовна еколошка акција и во комуникација со училиштата да вклучиме што поголем број основци и средношколци. Ова е придонес кон градење на еколошки одговорни генерации“, рече Јаневска.
Додаде дека младите се иднината на државата и мораме од најмала возраст да ги поттикнуваме на одговорност кон околината, за како што рече, да им ги намалиме можните предизвици и ризици со кои во иднина би се соочувале, а тоа е загадениот воздух, загадената почва, вода и слично, кои влијаат на човечкото здравје.
На означувањето на стартот на еколошката акција присуствуваше и претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, амбасадори и претставници на повеќе компании и здруженија кои ја поддржуваат акцијата.