Македонија
Ковачевски им вети на борците: Македонија има херои на новото време, ќе го исполниме аманетот на партизаните и нема да дозволиме чекор назад

Премиерот Димитар Ковачевски на Сојузот на борците од НОВ и на сите македонски граѓани им вети дека ќе го исполни аманетот на партизаните и ќе го оствари и осигура посакуваниот напредок на земјата. Ветувањето го даде денес на промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните (1948-2023)“.
„Како што за вас во Втората светска војна немало пречка и сте истрајале во предизвикот да имаме самостојна и независна Република Македонија, така и мојата генерација ќе истрае и ќе имаме европска Македонија. Авторите и сите вклучени во монографијата во воведното обраѓање, прочитав, порачуваат ‘верувајте во своите предци и запомнете дека ниту една борба не е засекогаш завршена. Историјата се повторува, а секое време бара свои херои’. Јас ви ветувам на сите вас и на сите македонски граѓани дека овој аманет ќе го продолжиме. Република Северна Македонија има херои на новото време и нема да направиме ни чекор назад. На напредокот на нашата родна земја работиме и по партизанскиот аманет, посакуваниот напредок ќе го оствариме и ќе го осигураме“, рече премиерот Ковачевски.
Во буџетот за 2024 година првпат ќе има ставка за Сојузот на борците и уште сега, како што рече премиерот Ковачевски, се одвоени 1,2 милион денари за нивните активности.
Автори на монографијата се Љубица Јанчева и Александар Литовски. Изработката на монографијата е поддржана од Министерството за култура како музејска дејност и претставува прва соработка со Сојузот на борците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муртезани на балканскиот економски самит во Скопје: Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива

Овој Самит претставува уште една потврда на силните и пријателски врски кои ги поврзуваат Република Северна Македонија и Република Турција. Овие односи, кои се длабоко вкоренети во нашата заедничка историја и култура, денес се манифестираат преку интензивна соработка во многу области, вклучувајќи ја и економијата, истакна министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
„Односите помеѓу Северна Македонија и Турција се искрени, динамични, стратешки и ориентирани кон иднината. Не станува збор само за добри односи, туку за заедничко разбирање на регионалниот контекст, за заемна поддршка во клучни моменти и за координирани чекори во иницијативите од заемен интерес. Нашата билатерална соработка опфаќа широк спектар: од висока политика и одбрана, преку економија и трговија, до образование и културна размена. Турција е еден од најзначајните странски партнери во економскиот развој на нашата земја, но уште поважно, таа е партнер кој вложува долгорочен интерес во стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Во време кога глобалната економија се соочува со непредвидливи предизвици, според него настани како денешниот Самит имаат посебна тежина.
„Тие се можност не само за анализа, туку и за поставување конкретни цели. За нас, продлабочувањето на економската соработка со Турција, особено во делот на инвестиции, дигитална економија, зелени технологии и инфраструктурно поврзување, е од клучно значење. Веруваме во принципот на меѓусебна комплементарност, не како реторика, туку како модел за конкретни резултати. Северна Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива. Турција пак од друга страна, носи искуство, капитал и регионална мрежа. Оваа комбинација е наша заедничка шанса и таа треба да биде искористена“.
Додаде дека тие како министерство се посветени на креирање на поволна бизнис клима и на унапредување на европските стандарди во нашата економија.
„Работиме на подобрување на регулаторната рамка, намалување на бирократијата и обезбедување транспарентност и предвидливост за инвеститорите. Северна Македонија е цврсто на патот кон европската интеграција, а економската соработка и странските инвестиции се клучни за постигнување на оваа стратешка цел“, нагласи Муртезани.
Македонија
Ексдиректорите осудени на една година и шест месеци затвор за пожарот во модуларната болница во Тетово

Ексдиректорите на Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, се осудени на 1 година и 6 месеци затвор за пожарот во модуларната болница.
Болницата ќе треба да плати 1 милион денари.
Ова е втора пресуда за случајот, откако во првата беше досудена условна казна за директорите Бесими и Етеми која беше поништена од Апелациониот суд во Гостивар. Обвинителството повторно побара затвор, нагласувајќи ја одговорноста на директорите за непочитување на противпожарните прописи.
Пожарот во модуларната болница се случи на на 8 септемврри 2021 година при што животот го загубија 14 луѓе.
Македонија
Возење без дозвола, брзање, неправилно паркирање – за три дена во државата издадени над 2.000 платни налози

Во изминативе три дена, од 13 до 15 мај, во рамки на реализираните сообраќајни контроли што полициските службеници во сите сектори за внатрешни работи во континуитет ги спроведуваат на патиштата низ земјава, вкупно беа издадени 2018 платни налози од кои што во најголем број, односно половината се однесуваат на прекршоците: непрописно паркирање 600, брзина на движење спротивна од пропишаната 256, како и управување на возило без возачка дозвола 204 прекршоци.
Покрај овие прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, исто така евидентирани беа подеднаков број прекршоци по основ на користење на мобилен телефон и некористење сигурносен појас при што санкционирани се по 117 учесници во сообраќајот, а пак дури 119 возачи на мотоцикли се санкционирани за неносење заштитна кацига. Во рамки на контролите деветмина возачи минале на црвено светло, изречени се 26 мерки возење под дејство на алкохол, а санкционирани биле и 25 пешаци.
По основ пак на Законот за возила од вкупно 67 возила отстранети од сообраќај, 24 биле технички неисправни, а 43 не биле регистрирани.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.