Македонија
Комплексот кај поранешна „Треска“ предвидува згради само до пет ката

Во врска со информациите што досега излегуваа во јавноста дека на локацијата кај старата фабрика „Треска“ ќе се градат облакодери и ќе дојде до задушување на просторот, сопствениците на приватните имоти на овој опфат коментираат дека се работи за шпекулација и дека нивниот план е во согласност со конкретниот урбанистички план за просторот кај „Треска“, кој е донесен во 2012 година.
Комплексот што го планираат, како што предвидува и самиот важечки ДУП, предвидува изградба на згради со височина од најмногу приземје со 5 ката и потпокрив, а во дел и приземје со 4 ката и потпокрив, во класична блоковска распореденост, со многу зеленило помеѓу зградите, но и со голем парк во рамките на блоковите. Всушност, се работи за максимална висина што нема да надмине вкупно 16 метри, што е сосема спротивно на досегашните шпекулации во јавноста.
Тие потсетуваат и на конкурсот за идејни решенија за оваа локација и на концептите што беа пристигнати, а се всушност надвор од урбанистичките регулативи и параметрите што ги дозволува важечкиот ДУП. Во јавноста веќе беа презентирани овие идејни решенија и објавени во јавноста на веб-страницата на Општина Центар, а и сè уште се достапни на линкот: https://marh.mk/izvestaj/
Таму се наведува дека прворангираниот концепт од идејните решенија е оформен од пет полуотворени станбени блока со комбинирана катност од приземје + 4 ката, но и до приземје + 8 ката, што е 3 ката над дозволената висина во согласност со актуелниот ДУП. Второрангираното предвидува станбени блокови со приземје + 6 ката и станбени кули со 17 ката, а треторангираното конкурсно решение предвидува вертикален елемент кула од 71 метар со намена хотел. Урбанистички можеби висината не е единствениот параметар што се гледа, но сепак понудените конкурсни решенија излегуваат од важечката регулатива наспроти планот на сопствениците на градежните парцели, кои ветуваат ниска градба, со многу зеленило и јавни површини.
Она што е реална слика, во согласност со најавите од сопствениците на парцелите на поранешната фабрика „Треска“, е дека е предвидена изградба на комплекс од вкупно 6 блока, при што најмалиот е со вкупна површина од речиси 3.900 м2, а најголемиот 8.920 м2 и кај сите 6 блока се предвидува голема површина на зеленило како партерно уредување.
Всушност, она што е важно да се потенцира е дека актуелниот ДУП од 2012 година на оваа површина предвидува само 5 % зеленило, меѓутоа инвеститорите предвидуваат и повеќе од законскиот минимум од 20 % или вкупно 8.200 м2 зелена површина како партерно уредување во рамките на блоковите, а дополнително предвидена е и изградба на јавен парк со вкупна површина од 9.474 м2. Во согласност ова, вкупното зеленило предвидено за овој простор достигнува речиси 18.000 м2, што е значително над минимумот што го наложува новиот Закон за урбаното зеленило.
Каков ќе биде исходот и што точно ќе биде изградено на оваа локација, се надеваме дека јавноста ќе дознае бргу. Но, она што е важно е дека оваа локација, која сега е мини депонија среде Центар, мора да се реши и урбанизира. Впрочем, урбанизација и конечно решение за „Треска“ бараат и жителите од околните згради затоа што она што е останато од некогашната фабрика за мебел е потенцијален извор на инфекции.
Група сопственици на приватни парцели кај „Треска“
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Арсовска спротивно на законoт поставилa Генерален секретар на Град Скопје

Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ го именувале за секретар на Град Скопје, Ѓоко Велковски, актуелен советник во општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвинуваат од СДСМ.
„Ова освен што е неетички, туку е и спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Надлежните ограни се веќе известени и овој случај мора да има разрешница“, реагираат од партијата.
Според СДСМ, Арсовска одново докажува дека освен груба партизација на Град Скопје ништо друго и не прави.
„Одамна е јасно дека Арсовска е најнеуспешниот градоначалник на Град Скопје“, се наведува во реакцијата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Што зборувал Џафери со контроверзните Чеченци кои се верни следбеници на Путин?

Собранискиот спикер Талат Џафери влегува од скандал во скандал, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„После примитивизмот и пцуењето на вработени во Собранието, дојде нов скандал за негови врски и средби со лица од Чеченија кои се верни следбеници на Владимир Путин“, посочуваат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека додека Џафери и владата на СДСМ и ДУИ имаат полна уста за прозападна ориентација, остваруваат контакти со контроверзни ликови блиски до режимот во Кремљ.
„Џефери на 10. јули 2021 година имал средби со Абдул-Вајед Нијазов поранешен пратеник во Думата и основач на здружението “Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин”. Како е возможно ваков лик да остварува средби со високи државни функционери на земја-членка на НАТО. Зарем и во други земји-членки вакви лица блиски до Кремљ слободно се шетаат во нивните парламенти“, прашуваат од партијата од каде се во дилема и за тоа што разговарал Џафери со Чеченците.
„Според информациите во странски медиуми, гостите од Чеченија биле во посета на општина Тетово и со тогашните локални власти разговарале за изградба на споменик на Ахмат Кадиров, по кого се нарекуваат и чеченските единици кои сега ги спроведуваат најбруталните акции во Украина“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Сончево и топло време со температури до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб променлив ветер, информираат од УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 26 до 33 Целзиусови степени.
Во Скопје сончево со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 31 степен.
Во следните денови ќе биде топло со пораст на дневната температура, која на повеќе места ќе биде над просекот за овој период од годината. Од недела во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.