Македонија
Костадинов: Наместо да прави драми, Милошоски да си подготви добри адвокати зашто ќе му требаат

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, му порача на пратеникот Антонијо Милошоски, наместо да прави драми и да ги манипулира граѓаните, да си подготви добри адвокати бидејќи, како што рече, ќе му бидат потребни.
Запрашан за коментар кога Антонио Милошоски ги достави материјалите што ги презентира во Собранието во Јавното обвинителство, Костадинов рече дека тој лично го повикал Милошоски да ги достави сите материјали што ги има.
„Тоа е начинот на кој треба да функционираат работите, јас сум цврсто убеден дека не станува збор за никакво компромитирање на претседателот на партијата, напротив, би рекол дека станува збор за сериозен страв и паника кај поранешниот колега Антонио Милошоски по донесувањето на законот за Јавното обвинителство. Знаете, во Собранието човекот беше избезумен, што ли не реплицира, какви ли не сè лаги фрлаше од собраниска говорница.
Знаете, станува збор за човек што имавме можност како граѓани да го слушнеме како го договара името по телефон, имавме можност да слушнеме како договара лустрација само поради тоа што некој човек не му бил нему симпатичен.
За Антонио имаме уште многу што да зборуваме, а се однесува и на продажбата на објекти на Амбасадата на Република Северна Македонија. Станува збор за сомнителни договори со фирми од општина Штип во однос на реконструкции и рехабилитации на објекти на Министерството за надворешни работи, да не набројувам, ќе ми треба цел ден за што се сомничи поранешниот колега Антонио Милошоски“, рече Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николоски: СДСМ го штити и брани однесувањето на Џафери за ДУИ да не им излезе од влада

Катастрофа, недостоинствено, срам и брука, тие се зборовите, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање како го опишува однесувањето на собранискиот спикер Талат Џафери.
Николоски потенцираше дека СДСМ само за да не им излезе ДУИ од влада го бранат однесувањето на Талат Џафери.
Факт е дека СДСМ секое сабајле и секоја вечер се моли ДУИ да не им излезе од влада затоа што знаат дека единствен начин за да одложат за неколку месеци торнадо е да им остане ДУИ во влада и затоа се спремни да го бранат Талат Џафери до последно, рече Николоски.
За карактерот на Талат Џафери најдобро зборува начинот на кој што беше избран, на човек би требало да му е срам да е избран на таков начин не би требало да се нафати на функцијата, тој си ја води функцијата. Така што нема ни срам ни морал. А уште помал морал од него имаат овие од СДСМ кои што го штитат, изјави Николоски.
Македонија
СДСМ: Обвинети во „Криминални парцели“ биле донатори на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска

Последните информации кои излегоа во јавноста покажуваат дека обвинети и осомничени во аферата „Криминални парцели“ со која се проневерени 1,6 милиони евра се донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но и кампањата на Арсовска, велат од СДСМ попладнево преку соопштение.
„Орце Тодоровски, Дарко Тодоровски, Влатко Илиевски, Мирослав Митрески се на листите на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, а Орце Тодоровски и на листата на донатори на Данела Арсовска.
Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да каже каде завршиле украдените пари од „Криминални парцели“?
Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот ментор Никола Груевски и преку својот телохранител ги затскривал трагите за испумпување на пари од ЕВН, како што Груевски правеше со плацовите на Водно?
Овие сомнежи за коишто говориме се основани по сите информации кои изглегоа во јавноста дека станува збор за криминална шема“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
ЦУК апелира на внимателност поради силно локално невреме и можни опасни порои во текот на викендот

Центарот за управување со кризи (ЦУК), согласно информацијата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), превентивно апелира и препорачува на граѓаните во земјава од попладнево до крајот на викендов да избегнуваат локално движење во и покрај суводолици и други стари корита – водотеци, како и во долови по коишто се слевале порано порои од обилни дождови.
Конкретно, концентарацијата на врнежи на одреден простор е со голема веројатност можна во делови на земјава, проследено со силно локално невреме. Постои голема можност да биде голема и опасна поројната вода по околината таму каде што ќе зафати поројониот дожд што се предвидува да падне во делови од земјава.
Од УХМР известија дека викендов земјава на места ќе биде зафатенa од метеоролошка нестабилност со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи и силен ветер, локално во форма на невреме, грмежи и можна појава на град. Во недела дневната температура ќе се намали за неколку степени, а од понеделник ќе се намали метеоролошката нестбилност и ќе преовладува потопло време.
ВРЕМЕТО ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ
Ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, претежно од западниот дел на земјата кон Повардарието и кон североистокот и ќе премине и преку скопската котлина, информираат од УХМР.
Изолирана нестабилност ќе има и во вечерните часови. Преку ноќта облачност особено на истокот че се намали.
ВРЕМЕТО УТРЕ
Променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени. УВ=6
Во Скопје, променливо облачно. Од претпладне ќе биде и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер со услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 24 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Под влијание на циклонска активност и утре ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време со поголеми количества воден талог), електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Утре преку денот температура ќе биде пониска за 3 до 5 степени. Од понеделник ќе се намали нестабилноста и повторно ќе преовладува потопло време.
Во Скопската Котлина утре ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, повремено и во форма на краткотрајно невремем а од понеделник нестабилност ќе се намали.