Македонија
(Видео) Почна изградбата на нова градинка во Волково
Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, ја означија изградбата на нова градинка во Волково. Тие денеска го посетија градилиштето каде, како што најавија, за една и пол година ќе биде завршена новата градинка.
Вложувањето во децата е најдоброто вложување што го прави државата и директно вложување во економијата, посочи вицепремиерката Царовска.
„Новата градинка ќе ги релаксира просторните услови на децата што веќе одат во постојните градинки во овој дел од градот и ќе се обезбедат многу посовремени услови за згрижување на децата. Како Влада навистина покажавме дека инвестирањето во предучилишното образование е наш висок приоритет. Само во две и пол години вложивме повеќе од 180 милиони денари, што покажува дека сакаме да ја подобриме инфраструктурата во детската заштита. Исто така, преку програмата на Светската банка обезбедивме 15 милиони евра за дополнителни инвестиции во градинките. Важно ни е и да се зголемува квалитетот на програмите за рано учење и ран детски развој. Ова го правиме со цел да го подготвиме новиот човечки капитал што го имаме во нашата држава, да може да ги пресретне современите текови на живеење и полесно да се справи со сите предизвици. Со тоа директно придонесуваме за развој на економијата и на државата во иднина“, нагласи Царовска.
Министерството за труд и социјална политика во буџетот за 2020 година издвои 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки.
„Градинките не се места каде што децата само се згрижуваат, јадат и спијат, туку тоа се места каде што децата почнуваат да учат, да го спознаваат светот и да се социјализираат. Затоа е навистина важно секое дете да има еднакви можности за почеток во животот, а наша обврска како институции и од централната и од локалната власт е тоа да им го овозможиме. Токму затоа силно инвестираме во раниот детски развој. Вкупната инвестиција во оваа градинка е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од МТСП заедно со Светската банка“, рече дополнителната заменик-министерка Шкријељ.
Градоначалникот Наумоски рече дека градинката ќе биде најубавата во државата. Во градинката, што се гради во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, дел од детството ќе минуваат 175 деца.
Мината година платите на стручниот кадар во градинките пораснаа 26 проценти. Во следните четири години опфатот на деца во предучилишно образование ќе се зголеми на 60 отсто. За да се оствари стратешката цел на Владата за вклучување што повеќе деца во предучилишно образование, Министерството за труд и социјална политика работи на зголемување на пристапот и опфатеноста не само во градинките туку и на формирање центри за ран детски развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.