Македонија
Холокаустот не почна со гасни комори, туку со зборови на омраза, со мали зла, што не беа спречени, рече Мицкоски на 82-годишнината од депортацијата на македонските Евреи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска, присуствуваше и се обрати на настан по повод 82 години од депортацијата на македонските Евреи, каде што ѝ беше оддадена почит на една од најголемите трагедии во историјата на нашата земја.
Тој во своето обраќање рече дека ова не е само ден на тага и сеќавање на страдањето на македонските Евреи, туку и ден на предупредување, ден во кој ние, како народ и човештво, потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори.
„Пред Втората светска војна во Македонија живееше динамична, просперитетна и богата еврејска заедница. Евреите беа не само граѓани туку и значаен дел од културниот, економскиот и социјалниот живот. Нивното присуство беше дел од нашата историја со векови. Таа година во март тогашната фашистичка бугарска окупациска власт, во координација со нацистичките власти, наредија апсење и депортација на сите Евреи од тогашната Вардарска Македонија. 7.144 мажи, жени и деца беа присилно собрани и одведени во привремениот логор во Скопје, во објектот на тогашниот ‘Монопол’. Цела една заедница, цели семејства, цели генерации беа загубени“, истакна Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека кога злото се шири, кога неправдата се врши, кога насилството станува правило, ако луѓето молчат, тогаш злото победува и затоа, според него, наша обврска денес, како и секој ден, е да зборуваме, да не дозволиме нови генерации да пораснат без да ја знаат вистината, да не дозволиме омразата да најде нова почва за да никне, да се бориме против секоја форма на антисемитизам, дискриминација и омраза, да ги учиме нашите деца дека толеранцијата, хуманоста и солидарноста се темелите на едно праведно општество и да не молчиме пред неправдата.
„Холокаустот не почна со гасни комори. Тој почна со зборови на омраза, со дискриминација, со постепено одземање на правата, со рамнодушност на луѓето. Тој почна со малите зла, кои кога не беа спречени, се претворија во најголемата трагедија на 20 век“, рече премиерот Мицкоски и нагалси дека не смееме да заборавиме оти секогаш кога забораваме нешто даваме можност истите грешки да се повторат.
„Македонија е земја на различности, земја што отсекогаш била дом за многу култури, религии и народи. Тоа е нашето богатство, нашата сила. Еврејската заедница, иако речиси уништена за време на холокаустот, останува дел од нашата историја, нашето секојдневие, нашата иднина, нашето културно наследство и нашата совест. Затоа, денес, додека стоиме овде, нека нашето сеќавање не биде само минато, туку и повик за иднината. Нека нивната трагедија ни биде лекција, нека нивните животи ни бидат потсетник, нека нивната болка ни биде опомена“, истакна премиерот Мицкоски во своето обраќање и повтори: „Никогаш да не се заборави! Никогаш повеќе!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
205 милиони евра ќе се инвестираат во болниците во Штип, Тетово и во Кичево: Алиу најавува систем кој дејствува навремено

Новиот министер за здравство Азир Алиу денес најави системска трансформација на здравствениот систем од систем што досега реагира со доцнење кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено.
„Министерството за здравство почна со националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем – прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирање стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствените и безбедносните институции. Со оваа платформа ја јакнеме издржливоста на системот и правиме чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност“, рече министерот Алиу.
Истовремено, почнато е темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.
„Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем што реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори нашата држава прави пресврт – од реактивен кон активен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана“, вели министерот Алиу.
За системот навистина да биде отпорен, Алиу смета дека реформите мора да бидат надополнети со реални, капитални инвестиции.
„Затоа Министерството за здравство почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и во Кичево. Овие проекти се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал“, рече министерот Алиу.
Тој најави и менување 12 закони за подобрување на услугите кон граѓаните и потсети дека веќе е тргната административната бариера за создавање семејство и место три, поддржани се шест ин витро-обиди, дигитализирана е постапката за пријавување, а рокот за одговор е скратен на две недели.
„Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и почнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани“, рече министерот Алиу.
За менување на законите, тој рече дека во тек е сеопфатна анализа, која треба да им покаже каде реално треба да се прават измени. Очекува анализата да заврши до крајот на годината.
Македонија
Доцнење на прегледи и на резултати, скопјани со најмногу поплаки за здравството – Алиу ветува дека ќе го слуша гласот на народот

Тоа што денес сакам да го најавам не е само уште една програма, туку системска трансформација, од здравствен систем кој досега реагира со доцнење кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерството за здравство, соопшти тој, почна со националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем, како што рече, прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирање стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствените и безбедносните институции.
Со оваа платформа, според него, се јакне издржливоста на системот и се прави чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност.
„Почнавме темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.
Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем што реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори нашата држава прави пресврт – од реактивен кон проактивен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана.
Веруваме дека здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена. А реформите што ги почнуваме се најдобрата инвестиција во нивната заштита. Но, за еден здравствен систем да биде навистина отпорен, реформите мора да се надополнат и со реални, капитални инвестиции“.
Затоа, додаде тој, Министерството за здравство почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и во Кичево.
Овие проекти, според неговите најави, се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал.
„Во рамките на новата логика што ја градиме во здравството, логика на транспарентност и отчетност – веќе активно функционира алатката за пријавување неправилности преку која граѓаните може директно да пријават проблеми во системот. Досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје, а најчести се поплаките за доцнење резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и во приватниот сектор. Но, најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока – секоја се разгледува од посебна работна група со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас – и тој глас ќе се слуша“, ветува Алиу.
Потсети и на направените измени на Законот за здравствената заштита.
Како што истакна, создавањето семејство не смее да биде луксуз, туку право.
„Затоа ја тргнавме административната бариера, го удвоивме бројот на поддржани обиди за ин витро од 3 на 6 и ја дигитализиравме постапката, а времето за одобрување е скратено на две недели. Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и почнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани“.
Македонија
Сѐ уште се трага по убиецот од Батинци, Тошковски вели во тек е постапка за идентификување на локацијата

Безбедносната состојба во Македонија е значително подобрена во споредба пред две години, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагирајќи на обвинувањата од страна на СДСМ за нарушена безбедност.
„Македонија е денес далеку побезбедна отколку што беше пред две години. За тоа говорат бројките, граѓаните и фактите. Нормално е опозицијата да обвинува, тоа е нивна работа, но би било добро тоа да биде со реална споредба и факти“, изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
Во врска со убиството во скопското село Батинци, кое е второ убиство во ова населено место за една година, министерот Тошковски информира дека случајот е делумно расветлен од страна на МВР.
„МВР го расветли случајот од аспект на сторител и преземени дејства. Во тек е постапка за идентификување на локацијата на сторителот. Не би сакал да навлегувам во повеќе детали“, рече Тошковски.
Припадниот на Армијата, А. М., минатата недела беше застрелан во селото Батинци. МВР тогаш соопшти дека лицето М. Џ. пукало со огнено оружје кон возило „киа“, кое било во движење. А. М. (50) добил прострелни рани во пределот на градниот кош и бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде што во 11 часот од страна на доктор била констатирана смрт.
Осомничениот Муса Џавит сѐ уште не е пронајден и, според сознанијата на истражните органи, најверојатно ја напуштил земјата. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека Џавит веќе подолго време се бара со меѓународна потерница за претходно извршено убиство.