Македонија
МОН ги објави конкурсите за стипендии за втор и за трет циклус студии во странство за академската 2024/2025
Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување стипендии за студии од втор и од трет циклус во странство за академската 2024/2025, за кои рокот за пријавување е 15 септември 2024.
Право да конкурираат имаат студенти кои се примени на втор циклус студии (магистерски) или на трет циклус студии (докторски) на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите 100 рангирани универзитети на последната објавена Шангајска листа од областите: инженерство и технологиja, архитектура, градежништво, математика, меѓународно јавно и приватно право, економија и бизнис, физика, биологија, хемија, наука за храна, наука за земјиште и води, компјутерски и информациски науки, електротехника, електроника и информациско инженерство, машинство, туризам и генетика.
– На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, еден авионски билет на почетокот на студиите, еден авионски билет по завршување на студиите или еден повратен авионски билет, додека месечна стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2024/2025 година (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Обединетите нации). Секој износ над горенаведената сума за уписнина е на товар на студентот, е наведено во конкурсите.
Во нив се содржани условите за добивање на стипендијата и обврските кои добитникот на стипендијата (за втор или за трет циклус студии) ќе ги има кон државата по завршување на студиите. Наведени се и документите што се потребни за аплицирање и начинот како кандидатите да се пријават додека се отворени конкурсите – до 15 септември 2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поминаа три години од пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 луѓе
До денес изминаа точно три години од пожарот во модуларната болница во Тетово во кој животот го загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.
Од жртвите кои починаа поради пожарот, 12 беа на болничко лекување таму како заболени од ковид-19, додека двајца беа членови на семејствата на болните.
Основен суд Тетово спроведе судски процес во текот на 2022 и 2023 година, а со решение на Апелациски суд годинава требаше да почне и повторено судење за дел од обвинетите.
По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Првиот судско рочиште беше закажано за 6 септември 2022 година, но по неколку одложување процесот почна на 4 декември 2022 година.
По шест месеци, на 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за Флорин Бесими и Артан Етеми, директори на Клиничка болница Тетово за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе.
Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Основното јавно обвинителство Тетово на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.
По оваа жалба расправаше Апелацискиот суд во април 2024 година, а при тоа донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.
На 26 јуни 2024 година беше закажано првото рочиште за повторното судење за двајцата директори, но беше одложено за 25 септември 2024 година поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.
Во првичната пресуда од 5 јуни 2023 година на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
На 8 септември 2023 година на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата на 14 луѓе кои ги изгубија животите во пожарот во тетовската модуларна. Семејствата организираа јавен марш и протест и на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш почна на плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство.
Македонија
Агелер по повод 8 Септември: Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер упати честитка по повод Денот на независноста на земјава – 8 Септември.
Во видео обраќањето кое го објави Амбасадата на САД во Скопје, Агелер вели „на овој посебен ден се придружуваме на Северна Македонија и на сите вас во прославата на вашата независност и вашите динамични и разновидни заедници“.
Како и нашата независност, вашата беше тешко здобиена, со безброј жртви направени од оние кои верувале во моќта на слободата и демократијата. Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја, вашата сегашност и светла иднина, рече Агелер.
Македонија
Филипче за 8 Септември: Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции
Денешниот 8 Септември и 33 години независност на нашата Македонија нѐ потсетуваат на силата, единството и храброста што ја имавме кога го избравме патот на суверенитет и самостојност, наведува во постот на Фејсбук лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Во изминатите 33 години, нашата татковина се изгради како независна, суверена држава, одлучна да го заземе своето место на европската и на светската сцена, потенцира тој.
-Овој пат не беше лесен и беше исполнет со предизвици, но и со многу достигнувања. Патот што го избравме пред три децении е потврда на нашата колективна волја за достоинство и просперитет. Во овие три децении, Македонија ги зајакна своите институции, ја обезбеди својата меѓународна позиција и создаде услови за економски и социјален напредок, вели Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцира дека нашата држава денес се наоѓа пред многу искушенија, кои бараат од нас да покажеме уште поголема зрелост, сплотеност и одлучност.
-Во ова време на нови предизвици поврзани со понатамошниот пат по кој ќе се движи Македонија, време е нашата сила и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре. Пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок. Честит 8 Септември!, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.