Македонија
Нов мандат за обвинителите што и досега гонеа организиран криминал и корупција
Обвинителите што и досега гонеа организиран криминал и корупција добија нови мандати.
Советот на јавните обвинители одлучи дека Ивана Трајчева, Сузана Мирческа-Кузмановска, Марија Ѓоргиева, Енѓелуше Кадриу-Леши и Валентина Бислимовска ги исполнуваат условите и добро си ја работеле работата за да останат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Иако шефицата Вилма Русковска првин даде негативна оценка за работата на Бислимовска, таа ја коригирала. Па, така, Советот беше убеден дека таа може и натаму да гони организиран криминал.
Марија Ѓоргева е реизбрана, a била стручен соработник во Кривичниот суд, па виш соработник во друг суд и била оценета од Русковска со 24 бода. Валентина Бислимовска, исто така реизбрана, била приправник во Граѓанскиот суд, па приправник, по што станала обвинител во скопското Обвинителство.
„Бислимовска беше оценета негативно, па потоа беше реоценета и доби 18 бода. Енѓелуше Кадриу-Леши имаше 24 бода, Ивана Трајчева добила 25 бода. Сузана Мичевска-Кузмановска доби 18 бода“, изјави Антонио Јолевски, претседател на Советот.
Иџет Мемети објаснуваше за зошто се менувало оценувањето: „Образложението не соодејствуваше со оценката. Образложението кај сите кандидати беше добро, а оценките негативни. Имавме нелогичности во оценувањето, а на крајот и несоодветно образложение“.
Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, рече дека ги поддржува сите обвинители кои и досега работеле: „Тоа се професионални обвинители што ги извршуваат своите работи, постапуваат по сложени предмето, а неизбирањето ќе биде пролонгирање на постапките“.
И членот Љупчо Ивановски рече: „Јас ќе им дадам поддршка на обвинителите што си ја вршат функцијата“.
Иџет Мемети потенцира: „Имам причина да сум склон кон тимот што и досега работел“.
По овие коментари, претседателот Антонио Јолески рече дека треба да се внесуваат нови кадри.
Енѓелуше Кадриу-Леши, која има продолжен мандат, волонтирала во Академијата за судии и јавни обвинители, а во 2012 година првпат била избрана за обвинител. И нејзината колешка Ивана Трајчева била стручен соработник, па обвинител во скопското Обвинителство, по што доби и мандат во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Сузана Мирчевска-Кузмановска е реизбрана, а работела исто така во скопското Обвинителство, по што од 2012 година до денеска работи во Обвинителството за гонење за организиран криминал.
Неизбраниот Арсим Адеми оценет со 25 бода останува во гостиварското Обвинителство, а заедно со него и Елизабета Јосифовска од поранешното СЈО со 24 бода. Наташа Сарамандова си остана во скопското Обвинителство и добила 25 бода од вишиот јавен обвинител во Скопје. На Златко Биковски не му беше укажано доверба да добие функција во ОЈО ГОКК, иако тој имаше два мандата во ова Обвинителство. Тој има 25 бода.
Позитивни оценки од Вилма Русковска добиле обвинителите Сузана Мирческа-Кузмановска, која ја води истрагата за злоупотребите во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, каде што обвинета е разрешената директорка Лидија Димова. Потоа и обвинителката Марија Ѓоргиева, во јавноста позната како внука на порашениот претседател на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев. За да добие нов мандат, позитивни оценки добила и Енѓелуше Кадриу-Леши, која е дел од полициското одделение. Последна во низата што бара нов мандат и Русковска смета дека го заслужува е Ивана Трајчева, која е застапник на обвинението за Меѓународниот сојуз, а го гони и ексгенералниот секретар Драги Рашковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски со Караџов и Маринеску во Брисел: Македонија се фокусира на изградба на големи инфраструктурни проекти
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамките на работната посета на Брисел оствари средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, Мариан-Жан Маринеску, европскиот Координатор за коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран, како и Матеј Законшеќ, директор на Секретаријатот на Транспортната заедница.
На средбата се разговараше за регионалните инфраструктурни проекти кои го потикнуваат рагионалниот развој и економија.
Николоски информираше дека законот за ратификација на Договорот потпишан на 6 ноември 2025 година наскоро ќе биде ратификуван во Собранието.
Николоски ги запозна соговорниците и дека на техничко ниво директорите на двете железнички претпријатија заеднички почнуваат со подготовка за апликација за финансирање на проектот за тунелот.
Тој потенцира дека се очекува во месец декември или јануари да биде објавен тендерот за третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија.
Работната агенда на вицепремиерот Николоски продолжува и утре каде ќе учествува на Самитот на министри за транспорт на земјите од Западен Балкан и министри од Европската Унија.
Македонија
„16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“: панелистите со заклучок дека е потребна координирана реакција од сите општествени чинители
Денес се одржа панел-дискусија „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“, во просториите на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, во организација на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. На панелот учествуваа Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска, член на ГК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како и Ѓоко Велковски, заменик министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Панелистите се осврнаа на важноста за подигање на свеста на темава, одговорно информирање од страна медиумите, како и унапредување на системот за заштита. Сите панелисти се согласија дека темата мора да остане во фокусот за да се обезбеди поголема безбедност и поддршка за жените и девојките.
Митева се осврна на делот за улогата на медиумите, кои според неа, имаат огромно влијание. Како што вели таа, многу жени работат во медиумите, и ги пофали истите за внимателно изнесување на ваквите случаи, но сепак во вакво динамично време, каде секој еден е медиум, време полно со предизвици, невозможно е целосно да се спречат штетните вести. Затоа, според неа, од клучно значење е одговорно известување и свесност за последиците врз јавноста и самите жртви.
Велковски нагласи дека системот за заштита од насилство функционира и постојат шелтер центри, 24-часовни линии за пријава и брза реакција. Тој посочи дека иако постојните механизми работат, секогаш има простор за подобрување. Како што вели тој, Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, активно размислуваат како системот да стане поефикасен и подобро организиран.
,,Навистина сериозно се разгледува и се размислува за целиот систем како да стане подобар. Истиот функционира, бидејќи постојат и шелтер центри постојат линии кои што се активни 24 часа, каде што може да се пријави токму ваков тип на насилство по однос на темата. Во рок од 12 часа се постапува, најдоцна во зависност од тоа каква е тежината на самиот пријавен проблем и достапноста. Така да системот моментално како што е поставен и законот како таков функционира. Дали треба да биде подобрен? Секако. секогаш треба да се стремиме и како министерство и како Влада, меѓутоа пред се како луѓе. Сето она кое што сме го наследиле и има недостатоци да ги коригираме истите за да направиме еден перфектен систем, никогаш можеби не постои меѓутоа да се стремиме кон перфекција“, истакна Велковски.
Стефаноска истакна дека и е драго што младите, или нејзини врсници, се заинтересирани за теми поврзани со насилството. Според неа, дигиталното насилство е многу реално, бидејќи младите голем дел од својот живот го споделуваат онлајн и овој вид насилство може сериозно да влијае на менталното здравје, но понекогаш и да ја загрози физичката безбедност.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

