Македонија
Орце Камчев халуцинира, рече Катица Јанева во судницата

Ексспецијалната јавна обивнителка Катица Јанева во судницата посочи дека бизнисменот Орце Камчев халуцинира додека тој даваше исказ и кажуваше како според него бил рекетиран. Кога Камчев посочи дека од Бојан Јовановски му било понуден проект за шопинг-мол, а Лазар Јанев бил потпишан на проектот, експецијалната јавна обвинителка Јанева пред сите во судницата се обрати до судијата Андреј Димовски:
„Халуцинира човекот. Халуцинира. Поарно да чита бидејќи вака многу хауцинира“.
Пред ова Камчев рече дека добивал понуди за градење шопинг-мол на две локации во Карпош: „За двете локации беше евидентно дека Бојан Јовановски манипулира бидејќи бев сигурен дека ниту менаџментот на ‘Гранит’ ниту на ‘Реплек’ (сопственици на земјиштата) не дале согласност за таков проект“. Камчев рече дека со Бојан се познавал 20 години. Кога бизнисменот објасни како течеле средбите, рече дека Катица Јанева изречно рекла дека тој ќе излезе од притвор, па додаде: „Поголема изнуда од тоа нема“.
„Причината да се сретнам со Бојан беше да видам што има да понуди. Имаше конкретна тема, бараше да ми презентира одредени сознанија од истрага што се води во СЈО за мене, а што тогаш веќе знаев дека се почнати од страна на СЈО, и притоа уште на првата средба ми презентира договор“, изјави Камчев на прашањето од судијата зошто се решил да се сретне со Бојан Јовановски.
„Бојан Јовановски ми пристапи преку заеднички пријател да ми понуди наводна соработка, а со крајна цел изнуда на парични средства со лажни проекти. Првиот проект беше фешн-молови, концепт што тој го измислил, а во кои ќе има модни ревии, популарни дуќани. Како во светот да нема бизнис-центри и шопинг-молови, па тоа да биде заштитено од Бојан. Притоа, при поднесувањето на договорот за соработка беше потпишано лицето Лазар Јанев. Со тоа Бојан сакаше да ми покаже дека ја контролира тогашната специјална јавна обвинителка Катица Јанева кажувајќи дека и тој стои зад проектот за бизнис-молови споменувајќи дека Лазар користи возило од неговата телевизија, дека со него соработува директно и слично. Потоа продолжи со неговата измислена приказна. Кога го одбив ова барање, тој беше упорен и на другите средби ми беше понудено инвестиција во старски домови бидејќи јас имам луѓе што се разбираат во таа дејност, кои организираа работен состанок, на кои беа присутни луѓе од ‘Систина’. Ми беше понуден проект за носење европски пациенти, кои 80 отсто би го пополните тие капацитети а ветувајќи дека преку Министерството за труд и социјала ќе се обезбедуват плацови“, рече Камчев.
Камчев рече дека смета оти Боки 13 злоупотребувал функционери од тогашната власт за кои знае „дека не беа запознаени со неговите манипулации“.
„Ми беа побарани 4 милиони евра, Бојан беше незадоволен, беше многу моќен во тој период. Имаше телевизија, контакти со политичкиот естаблишмент и тоа знаеше вешто да го искористи со манипулација за конечна цел – изнуда. Третата средба беше да ни се олабават односите, цело време тој знае и контролира што работи СЈО и од мои информации бев уверен дека тоа што го кажуваше кореспондира со она што се работи. Покажувајќи фотографии со Катица Јанева, зборуваќи за ПИ-мерки. Во тој притисок ми понуди трет проект за почеток на соработка бидејќи првите два му беа отфлрени, нудејќи ми рекламен простор во ‘1ТВ’. Знаејќи колкави се буџетите и ценовнивите за маркетинг во најголемите национални телевизии, тој понуди договор 10 пати поскап од ‘Сител ТВ’ наведувајќи дека тоа не е договор само за емитување реклами во ‘1ТВ’, туку договор за ПР, контакт преку него со Катица Јанева и одредени други личности, а нагласувајќи ми дека тој контролира во СЈО против кој и кога ќе се пушти предмет“, рече Камчев.
На прашањето од судијата ‘Каква помош ви беше понудена од Бојан’, Камчев рече: „Кога не се прифатија големите пари да се исплатат, 8 милиони евра, за измислените проекти, Бојан премина на втор дел од играта и се случи отворање истрага за ‘Империја’ и мерка притвор од Катица Јанева. По извесен период во притвор, повторно преку заедничкиот познајник, ја информираат Ана Камчева и организираат средба, на која Бојан понудува да се излезе од притвор, да му се исплатат 500 илјади евра. Ана нема одговор и при средбата во истражниот затвор ми го соопштува тоа, а јас и реков дека нема гаранција, тоа ќе го направи Бојан. Наредната недела Бојан организира и средба кај него во Орман, каде што присуствуваат Катица Јанева, Ана Камчева, заедничкиот пријател. Катица Јанева ѝ ветува на Ана Камчева дека тоа што е договорено ќе се заврши. Поголема изнуда нема“.
Според Камчев, парите биле исплатени три дена по средбата од неговата трансакциска сметка, и тоа на двапати, 350 илјади евра и 150 илјади евра.
„Ана Камчева 350 илјади евра ги исплаќа во канцеларија на ‘1ТВ’ на првотужениот. Вториот износ од 150 илјади евра беше исплатен од заедничкиот пријател во готово“, изјави Камчев, а судијата праша: „Мислите на третотужениот?“, а тој одговори: „Да“. Прашан каде биле платени, бизнисменот не знаеше.
По една недела, според Камчев, по исплаќањето на средствата, бил пуштен и од притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Вреди ќе се менува, платформата станува партија

Од платформата Вреди наскоро ќе произлезе нова политичка партија, која ќе настапи обединето на претстојните локални избори. Како што најави вицепремиерот и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, процедурите за формирање на новиот политички субјект ќе започнат веќе следната недела.
„Граѓаните испраќаат јасна порака – сакаат единствена, организирана и координирана понуда. Јавно велам: не е важно кој ќе биде претседател, важно е идејата да успее. Целта ни е обединување пред локалните избори“, изјави Меџити во емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија.
Според него, новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, програма и листи за советници, додека кандидатите за градоначалници сè уште не се дефинирани. Меџити додава дека не гледа проблем во тоа што името на партијата и нејзиниот лидер сè уште не се познати, бидејќи „најважна е суштината, а не формата“.
Во меѓувреме, одлуката на Алијансата за Албанците да настапи со свои листи за советници на локалните избори предизвика тензии во рамките на коалицијата. Претседателот на партијата, Арбен Таравари, изјави дека одлуката не значи напуштање на Вреди и дека остануваат дел од Владата.
Сепак, Меџити смета дека оваа постапка оди во прилог на нивниот заеднички политички противник.
„Оваа одлука е во интерес на ДУИ. Верувам дека јавноста бргу ќе ја препознае суштината на ваквиот потег. Ние никого не сме исклучиле – тој сам се дистанцираше“, порача Меџити.
Тој додаде дека ова отвора и прашање за стабилноста на владината коалиција, но засега не е донесена одлука дали ќе се бара разрешување на Таравари од министерската функција во здравство.
Македонија
СДСМ: Џабе е извинувањето на Љутков, културните работници без пари го слават Велигден

Опозициската СДСМ остро ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, „груб и срамен удар врз културните работници“, токму во пресрет на големиот христијански празник Велигден.
Според партијата, наместо со зголемени плати како што било договорено во Колективниот договор од 2021 година, вработените во културата велигденските празници ги дочекаа без ниту денар на сметка.
„Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата, согласно Колективниот договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани, а од Министерството за култура стигнаа манипулативни изјави – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле ‘високи’. Ваквите изјави се навредливи и дискредитирачки“, велат од СДСМ.
Од партијата порачуваат дека ваквиот однос е доказ за целосна незаинтересираност на Владата за луѓето кои, како што наведуваат, ја носат културата на грбот.
„Зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка“, се вели во изјавата на СДСМ.
Од таму потсетуваат дека културните работници не се статисти во општеството, туку клучни носители на вредности и традиции и заслужуваат третман со достоинство, а не молк и игнорирање.
Македонија
Фатен пијан крадец на „голф“ во Неготино, возачот излетал од патот

Дваесет и осумгодишен жител на Неготино бил лишен од слобода откако украл автомобил од свој сограѓанин, а потоа, возејќи под дејство на алкохол, излетал од коловозот на локалниот пат кон селото Курија.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на 20 април 2025 година околу 04:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го уапсиле С.Д. (28), кој неовластено присвоил патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски таблици.
Возилото било сопственост на Л.И. (28) од Неготино и според пријавата, било паркирано пред неговиот дом кога С.Д. го одзел и се упатил кон селото Курија. Таму, изгубил контрола и излетал од патот.
„При извршените проверки било утврдено дека возачот имал 0,72 промили алкохол во крвта“, велат од полицијата.
С.Д. бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.