Македонија
Пендаровски на откривање на бистата на Мајка Тереза: Да ги надминеме поделбите, да си простиме за старите гревови и да продолжиме понатаму

Претседателот Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на церемонијата на откривање на бистата на Мајка Тереза, настан организиран во косовската амбасада во Скопје, а на кој присуствуваа и Вјоса Османи Садриу, претседателката на Република Косово и Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија.
„Имам особена чест да сум дел од церемонијата на откривање на бистата на Мајка Тереза, светски позната хуманитарка, добитничка на Нобелова награда за мир, без дилеми, една од најзначајните личности на 20-от век. Иако целиот свет ја знаеше како Мајка Тереза, за нас, нејзините сограѓани таа беше и остана скопјанката Гонџа Бојаџиу, истакна Пендаровски“.
Во просторот на косовската амбасада, ликот на Мајка Тереза ќе не потсетува на нејзината морална чистота, грижа за беспомошните, болните и сиромашните. Ќе не потсетува на една маркантна фигура која треба да ни биде инспирација да подаруваме, да се грижиме еден за друг како најблиски соседи и искрени пријатели, рече претседателот на државата.
Како што додаде, мултиетничката, мултикултурна и мултирелигиозна македонска средина во која порасна Гонџа Агнес Бојаџиу се уште е пример за соживот и взаемна почит меѓу луѓето.
Според Пендаровски, секогаш сме биле дел од еден ист, заеднички простор и ќе продолжиме да бидеме дел од него.
„Затоа треба да ги надминеме поделбите, омразите од минатото, да си простиме за старите гревови и да продолжиме понатаму. На Балканот, имаме видено доволно беда, сиромаштија, војни, омраза, гнев, меѓутоа, во име на подобрата сегашност и иднина ни треба соработка и разбирање, не како форма, туку суштински“, кажа Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра СДСМ: Да видиме на избори дали е толку очајна ситуацијата како што тврдите

Ако е толку очајна ситуацијата како што СДС вели, нека закаже избори, па тогаш ќе видат колку поразени ќе бидат, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако СДСМ констатира дека во опозициската партија се случува распад поради суети.
„СДС наместо да пишува соопштенија полни со лаги и манипулации, нека си ги решат прво проблемите во својот двор.
И ако е толку очајна ситуацијата како што СДС вели преку своите гласила, тогаш нека се осмели да закаже избори, па тогаш ќе видат колку поразени ќе бидат.
Вознемиреноста на СДС секој ден се воочува и е се поочигледна.
Јасно може да се воочи дека СДС е највознемирена поради две работи, првата е пропаста на стратегијата и кампањата дека Груевски ја води ВМРО-ДПМНЕ, a втората е дека пропаѓа оската ДУИ-СДС и делови од опозицијата за уставни измени“, се вели во соопштението.
Македонија
Пендаровски во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, вчера попладне во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски му го врачи одликувањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кое се доделува за големата помош и поддршка на ОН при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.
Претседателот Пендаровски оствари и средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на која се разговараше за севкупните активности на Република Северна Македонија во рамки на Обединетите Нации, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните предизвици.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за посветеноста на ОН во нашата земја и изрази очекување соработката во иднина да продолжи со зголемен интензитет. Тој нагласи дека континуираниот ангажман на ОН во Северна Македонија придонесува за зајакнување на капацитетот на земјата во клучните сектори за развој на македонското општество.
На средбата беа разменети мислења и информации за текот на нашите евроинтеграции, за актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот, како и за руската воена агресија врз Украина. Претседателот Пендаровски ја истакна нашата силна заложба и посветеност за јакнење на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици.
Македонија
Османи до Македонците во Албанија: Слободно да ја изразите вашата припадност на пописот

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, порача до Македонците во Албанија во следните шест недели слободно да ја изразат својата идентитетска припадност на тамошниот попис на населението.
„Драги Македонци, препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија, ве охрабрувам на пописот слободно да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, која претставува основно природно право на секој поединец“, рече Османи.
Истакна дека деновиве сме сведоци на пропаганди кои влијаат на одлуката, притоа не водејќи сметка за чувствата на Македонците, но тоа воопшто не треба да ги загрижува македонските граѓани од овој крај. Албанија е слободна земја, вели Османи, во која секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици.
Министерот во обраќањето додаде дека Северна Македонија и Албанија се повеќе од соседи и најави дека македонските институции ќе останат во интензивна комуникација со Македонците и институциите во Албанија за сите прашања коишто ги засегаат.
Изминатиот период до Македонците во Албанија беа упатени повеќе пораки, но и закани да се попишат како Бугари. Ваква закана пристигна вчера од првиот човек на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, кој преку социјалните медиуми им порача на Македонците дека ако не се регистрираат како етнички Бугари ќе им бидат повлечени бугарските пасоши.
Македонија не реагираше со официјална нота до Софија, а тивко поминаа и посетите на бугарските челници кои се интензивираа во изминатот период во краевите кадешто претежно живее македонско население. Македонските здруженија во неколку наврати преку медиумите алармираа на притисоци од бугарска страна пред пописот.