Македонија
Повторно активни конкурсите за стипендии за ученици запишани во дуални паралелки и во тригодишно средно стручно образование
Министерството за образование и наука објави повторени конкурси за доделување на стипендиите наменети за ученици кои се запишани во дуални паралелки и за стипендиите за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование.
Конкурсот за доделување стипендии за ученици запишани во паралелки во стручно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен фонд на часови, може да се погледне на следниот линк. Се доделуваат преостанати 900 стипендии од оваа категорија, откако со првичниот конкурс не беа распределени сите 1.500. Можат да аплицираат редовни ученици запишани во дуални паралелки, кои не повторувале година, не се корисници на стипендија од друг давател и се државјани на Република Северна Македонија.
Конкурсот за доделување стипендии за ученици запишани во тригодишно средно стручно образование е објавен на следниот линк. Предвидено е да бидат доделени 390 стипендии и тоа за редовни ученици од средно образование кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење, кои се државјани на Република Северна Македонија, немаат повторувано година во текот на образованието и не се корисници на стипендија од друг давател. Инаку, во првичниот конкурс за овој тип стипендии беа предвидени вкупно 500.
Учениците кои ги исполнуваат условите за стекнување на правото на користење на еден од понудените два типа на стипендија, пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во Министерството за образование и наука најдоцна до 30.09.2021 година, во периодот од 08-16 часот.
За било какви дополнителни информации и поддршка, контактите на вработените во Секторот за ученички и студентски стандард, како и на сите останати вработени во МОН се објавени на овој линк.
Овие два типа стипендија за првпат се воведени годинава, а како резултат на заложбите за унапредување на квалитетот на средното стручно образование, приближување на придобивките од истото кон младите и нивна стимулација за упис во средни стручни училишта. Износот на стипендијата е 3.500 денари месечно, а се исплаќа за 9 месеци во годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.