Македонија
Подмладоците на политичките партии се обврзаа со Декларација за да ги подобрат дијалогот и соработката
Европската мрежа на млади за демократија (EDYN) во рамките на својот годишен план за работа во Скопје организираше панел дискусија на тема: „Подобрување на дијалогот и соработката помеѓу политичките подмладоци за намалување на политичката поларизација и зголемување на учеството на младите во политиката“.
На панел дискусијата учествуваа претставници на тринаесет политички подмладоци и претставници од граѓанскиот сектор.
Претставниците од политичките подмладоци во своите обраќања ja потенцираа важноста од политичка соработка и негување на дијалог преку кој ќе се поттикне активизам кај младите, намалување на поларизацијата и создавање општествени промени преку политички ангажман, а додека претставниците од граѓанскиот сектор ја потенцираа важноста од тоа партиите да бидат отворени кон младите луѓе, да се вклучуваат во сите партиски структури, но и да негуваат меѓусебна соработка за важни општествени прашања.
По завршувањето на панел дискусијата, претставниците на политичките партии потпишаа заедничка Декларација за подобрување на дијалогот и соработката меѓу подмладоците на политичките партии и зголемување на учеството на младите во креирање политики и се обврзаа дека ќе работат на намалување на политичката поларизација и зголемување на младинското учество во креирање политики во Република Северна Македонија.
Амбасадорите и членовите на Европската мрежа на млади за демократија (EDYN) се заблагодарија за присуството на сите и нагласија дека ќе продолжат и во иднина да работат кон организирање на вакви настани преку кои ќе се поттикне младински соработка, дебата и приближување на статовите на партиите во однос на важните општествени прашања кои ги тангираат младите.
Европската мрежа на млади за демократија (EuropeanDemocracy Youth Network – EDYN) е мрежа на млади граѓански и политички лидери на возраст од 18 до 32 години, кои делат заедничка посветеност кон унапредување и одржување на демократските вредности. Со 230 членови во 22 држави ширум Централна и Источна Европа, членовите на мрежата ги користат нивните искуства како извор на решенија за предизвиците со кои се соочуваат нивните заедници.
Европската мрежа на млади за демократија (EDYN) е поддржана од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), и помогната од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Националниот демократски институт (НДИ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре, делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре, 03.03.2026 година ( вторник ), поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на ул. Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија. (Општина Центар)
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во с. Бојане, во наредните 4 дена ( 03.03 до 06.03.2026 г.) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане. (Општина Сарај)
Македонија
Утре без струја делови од Карпош и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, утре, 03.03.2026 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток. (Општина Бутел)
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а. (Општина Карпош)
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

