Македонија
Почина Марјан Додовски, прв министер за животна средина и поранешен пратеник

Почина Марјан Додовски, првиот министер за животна средина и просторно планирање од 1998 до 2002 година. Неговата поранешна сопруга Иванка Василевска соопшти дека тој починал во болница. Додовски беше и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието од 2006 до 2008 година, а потоа и член на Советот на Град Скопје. Како што соопшти Василевска, тој починал ноќеска.
„Во длабока жал ве известуваме дека ноќеска на државната клиника прерано нѐ напушти Марјан Додовски. Марјан беше голем и посветен борец за Македонија, прв министер за животна средина и просторно планирање на ВМРО-ДПМНЕ. Во својата плодна кариера извршуваше многубројни партиски и државни функции но, пред сѐ и најважно од сѐ, тој беше татко на мојата, на нашата Марија Додовска. Нѐ остави во голема жалост, а Македонија изгуби голем човек. Марјан, почивај во мир!“, напиша Василевска, поранешан сопруга на Додовски.
Неофицијално, Додовски се лекувал на една од државните клиники од коронавирус, каде што починал поради компликации од вирусот.
Инаку, Додовски извршуваше и повеќе партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, каде што е член од 1990 година. Тој беше член на Извршниот комитет, претседател на Комисијата за животна средина, координатор на изборни единици. Исто така, Додовски извршуваше функции и во ВМРО-Народна партија, каде што беше и претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме

Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 24 до 29 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и топло со пораст на дневната температура.