Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова потпиша укази за унапредување и поставување на старешини со генералски чинови

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во согласност со одредбите од Законот за одбрана, со укази изврши поставување на старешини на формациски места предвидени за генерали.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот началник на штаб во Командата за операции, е поставен за командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Бесник Емини, досегашниот командант во Командата за операции во Генералштабот на Армијата, е поставен за државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана.
Бригадниот генерал Орце Јордев, досегашниот советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции, е поставен за директор на Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Симеон Трајковски, досегашниот директор на Генералштабот на Армијата, е поставен за советник на началникот на Генералштабот на Армијата за обука, вежби и научени лекции.
Полковникот Васко Коколански е разрешен од должноста командант на Командата за обука и доктрини и тој ќе биде поставен во Генералштабот на Армијата.
Полковникот Лулзим Нуредини е поставен на должност командант на Командата за обука и доктрини и со указ на претседателката е унапреден во чин бригаден генерал.
Сите потпишани укази од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се извршуваат веднаш, информираат од кабинетот на претседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Повеќе разводи од кога било во Македонија, а бракот станува реткост

Сѐ повеќе бракови завршуваат со развод, иако некогаш тие се сметаа за вечни, сепак статистиката го потврдува овој тренд.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што е зголемување од 23,9% во споредба со истиот период претходната година. Истовремено, бројот на склучени бракови се намалил за 14,7%, односно биле регистрирани 2.430 бракови.
Според социолошките анализи, една од главните причини за зголемениот број разводи е избрзаното стапување во брак, без доволно запознавање меѓу партнерите. Недостатокот на комуникација, различните животни вредности, како и финансиските проблеми, исто така, играат значајна улога во распадот на брачните заедници. Дополнително, социолошките фактори, како што се мешањето на семејствата во брачниот живот или неможноста на младите парови да живеат самостојно, често предизвикуваат тензии што водат кон разделба.
Освен кај браковите, статистиката покажува и пад на бројот на раѓања. Во последниот квартал од 2024 година се родени 3.968 деца, што претставува намалување од 4,2% во однос на истиот период лани. Бројот на починати изнесува 5.174 лица, од кои 10 доенчиња, што е пад од 1,0% во однос на истиот квартал во 2023 година. Природниот прираст останува негативен, со разлика од -1.206 меѓу бројот на новородени и починати.
Овие податоци укажуваат на континуирани демографски промени, кои во иднина може да имаат сериозни социоекономски последици.
Македонија
Мицкоски: Нема договор за паркингот на Клинички, јавноста ќе одлучи

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата сè уште нема донесено одлука и дека договорот со албанската компанија за стопанисување со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје не е потпишан.
„Ако јавноста вели ‘не сакаме’, тогаш нема да го потпишеме“, нагласи тој, демантирајќи дека веќе е донесена конечна одлука.
Според Мицкоски, процесот се води врз основа на физибилити-студија направена од претходната влада, а на огласот се пријавила само една компанија – албанскиот оператор „Ѓока Констракшн“. Тој нагласи дека иако сè е според закон, конечната одлука зависи од реакцијата на јавноста.
„Паркингот моментално го стопанисува ‘Градски паркинг – Скопје’. Ако тие можат да направат ред, немаме ништо против, важно е граѓаните да имаат нормални услови“, додаде премиерот.
Медиумите претходно објавија дека, доколку приватниот оператор го добие договорот, ќе мора да инвестира во катни гаражи, но ќе може да наплаќа паркинг по цена од 50 наместо 30 денари од час, додека државата би добивала само 1% од приходите.
Скопје
Марш за женски права во Скопје, жените бараат крај на дискриминацијата

Денеска во Скопје се одржа марш организиран од Платформата за родова еднаквост, со слоганот „Нека јадат ружи!“. Поводот беше Меѓународниот ден на жената, кога се истакнаа важни барања за подобрување на правата на жените во општеството.
Организаторите потсетија дека 8 Март не е само ден за симболични гестови, туку и за феминистичка борба за слобода и правда.
„Жените не се безбедни ниту во својот дом, ниту на улица“, беа дел од изјавите на организаторите, кои истакнаа и важноста на борбата за еднакви права во работниот простор, каде што жените се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и дискриминација.
Тие ја нагласија потребата од значајна промена на политиките за родово базирано насилство и повикаа на зголемена вклученост на жените во урбанистичкото планирање, како и на борба против работната дискриминација. „Не ќе молиме полиција и обвинителство да постапуваат навремено, туку ќе продолжиме да се бориме за вистинска заштита на жртвите на насилство“, нагласија тие.
Овој ден беше потсетник за сите жени ширум светот, дека родовата еднаквост е прашање на општествено унапредување, а не само симболички празник.