Македонија
Притворени 15 лица за криумчарење мигранти, меѓу осомничените и полицаец
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи пресече организиран канал за криумчарење мигранти.
Како што соопшти обвинителството, поведена е истражна постапка против 21 лице. За 15 од нив, определена е мерка притвор, а мерки на претпазливост се определени за пет осомничени лица. Тројца во моментов се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е на издржување казна затвор за друго кривично дело.
„Осомничените се на возраст од 20 до 40 години од кои едно лице е полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Штип“, велат од Обвинителството.
Организираната група за криумчарење мигранти била формирана од петмина кои во мај 2018 година од користољубие создале и организирале криминална група во која се приклучиле уште 15 лица. Групата го извршувала кривичното дело во континуитет до февруари 2019 година, за кој период надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утврди повеќе кривично правни настани спроведени од организираната група за криумчарење мигранти.
Осомничените создале структура на групата со поделени задачи на членовите, во која имало организатори, лице за преземање на мигрантите – качак, чистачи, транспортери, извидувачи и слично. Организаторите на криминалната група по претходен договор со соработници – членови на криминална група од Грција планирале и договарале колкав број на илегални мигранти ќе бидат пренесени на територијата на Македонија, во кое време и на кое место ќе бидат прифатени од т.н. качак, со кои возила и како ќе бидат транспортирани.
Дел од осомничените – чистачи преку конференциска врска користејќи вибер-апликација и GPS-координати, имале задача да ги известуваат другите членови на криминалната група за евентуална поставеност на полициските патроли на рутата по која се движеле возилата, по што веднаш биле менувани правците на движење. Дел од осомничените остварувале комуникација со сега осомничен полициски службеник од СВР Штип, а со цел добивање на известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи, како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување. Мигрантите кои доаѓале од Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток, по краткиот престој во Грција преминувале во нашата држава преку таканаречената „зелена граница“.
Криминалната група, за сума од 150 до 300 евра по лице – илегален мигрант, вршела пренесување на мигрантите преку различни места за средба, однапред планиран број и видови возила и договорени рути, се до Кумановско-липковскиот Регион, селата Ваксинце и Лојане кон територијата на Република Србија и државите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.