Македонија
Притворен осомничен со маскирна униформа од „христијанско братство“ кај кого се пронајдени оружје и фантомки

Основното јавно обвинителство Скопје почна истрага постапка против едно лице за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
„При рутинска контрола на возило марка БМВ на 15.9. 2018 година во 15 часот, на бул. Александар Македонски во Скопје, пронајдено е оружје, и тоа пиштол, 43 куршуми од 9 мм и 15 куршуми од 7,6 мм. Возилото го управувал осомничениот, педесет и тригодишен жител на Скопје“, извести обвинителството.
Од Обвинителството известија дека по барање на јавен обвинител и одобрување од надлежниот суд, извршен е претрес на домот на осомничениот каде се пронајдени парчиња опрема, маскирни униформи со лого на организацијата „христијанско братство“ , фантомки, ножеви, комплет униформа со маскирна шара, футрола за рамки за пушка, нож, двоглед и друга опрема.
Јавниот обвинител од скопското обвинителство побарал притвор за осомниченото лице, а судот го прифати предлогот и му определил притвор од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Размена на искуства, знаење и силна поддршка од Обединетите Арапски Емирати во градење на модерна, успешна и напредна полиција

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на покана на Саиф Бин Зајед Ал Нахјан министер за внатрешни работи на ОАЕ деновите учествува на Светскиот полициски самит каде има и свое обраќање.
Во рамки на оваа посета министерот Тошковски оствари билатерална средба со неговиот колега Зајед Ал Нахјан, втора за кратко време, која е показател за интензивирање на односите и заемната доверба меѓу двете држави.
„Разговаравме за унапредување на стратешката безбедносна соработка, особено во доменот на борбата против транснационалниот организиран криминал, тероризмот и новите безбедносни закани кои не познаваат граници.
Фокусот беше ставен на операционализација на веќе потпишаниот договор за безбедносна соработка, преку формирање на заеднички оперативни тимови и размена на информации. Обединетите Арапски Емирати остануваат еден од нашите партнери во глобалната безбедносна архитектура, а оваа средба е уште еден чекор напред во тој заеднички ангажман.“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Во историјата на овој суд не е изречена 12 години казана затвор за вакво дело, но го задржуваме правото да бараме поголема, рече обвинителот

Обвинителот Александар Марковски го задржа правото да бара поголема затворска казна од 12 години колку што денес му пропиша Основниот кривичен суд во Скопје на Васил Јованов кој смртно ја прегази 22- годишната Фросина Кулакова. Обвинителот по пресудата кажа дека судот изрекол досега највисока казна за вакво дело.
„Ова беше една мала победа за Обвинителството. Инаку станува збор за трагичен настан и нема простор ниту за славје ниту за разочараност. Во поглед на тоа самопризнание мислам дека придонесе и ефикасната и брза истрага кон која, со свој кадар и напори, придонесе и МВР кои беа на висина на задачата како и истражителите од ОЈО Скопје. Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор која во историјата на овој Суд, за ова кривично дело и кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, сметајќи на висината од 12 години казна затвор. Сепак Обвинителството го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор“, рече обвинителот Марковски.
Денес Кривичниот суд му изрече 12 години затворска казна за 20-годишниот Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во јануари, годинава.
Во образложението, судијката Снежана Марковска кажа дека при одлучувањето судот ги земал во предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности. Јованов доби и забрана за управување на возило од Б категорија во времетраење од пет години, а ќе треба и да ги надомести сите трошоци на кривичната постапка.
Uncategorized
(Видео) Кузеска: Влада составена само за лични интереси е логично да се распаѓа

По неполна година од формирање на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, таа почнува да се распаѓа. Тоа е директна потврда на она што граѓаните го чувствуваат секој ден, дека Владата на Христијан Мицкоски е нефункционална, деструктивна и целосно заглавена во сопствени интереси, истакна на прес-конференција Богхданка Кузеска, портпаролка на СДСМ:
За неполна година, вели таа, оваа Влада почнува да се распаѓа, затоа што е составена само за да задоволи лични апетити.
Коалицијата, оценува Кузеска, полека се ситни, затоа што нема ни причина да постои, ништо не ја држи заедно освен функциите.
„Граѓаните немаат никаква добивка од оваа власт. Сведоци сме на катастрофални економски резултати, нула реформи, распад на институции и понижување на државата на меѓународна сцена. Мицкоски е премиер без насока, ја води државата како да е приватна компанија, фокусирана само на тоа кој каде ќе се вдоми и што ќе земе. Владата не ја води со визија и храброст, туку со калкулантски однос за секое важно прашање. Јасно е дека нема лидерство и одлучност во оваа Влада.
Нема ни трага од ветената ефикасност. Народот живее сè потешко, цените растат, платите тапкаат во место, а Владата троши милиони за луксуз и гоштевања. Додека работниците молат за повисока минимална плата, народните пари одат на папаја, манго, бејби-биф, октоподи. Додека граѓаните се борат да преживеат месец за месец, Владата живее на висока нога, како да сме во економски бум“.
На локално ниво, состојбата, додава Кузеска, е уште пострашна.
Според неа, општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се расадници на корупција. Градоначалниците, како што појаснува се фокусирани на местење тендери, не на решавање на проблемите.
„Улици не се поправаат, училишта пропаѓаат, а јавните услуги се во хаос. Граѓаните се оставени сами, системот е глув и слеп за реалните проблеми. Партнерите си заминуваат а граѓаните се во апатија затоа што гледаат дека оваа влада нема капацитет. Никој не треба да биде соучесник и дел пропаѓањето на државата во провалија кон која не води Мицкоски. Сите што остануваат со Мицкоски се дел од истиот проблем. Свесно ја поддржуваат штетната насока и ја носат истата одговорност.
Ова е Влада без систем, без план, без резултати. Единствено што функционира во оваа влада се личните интереси“.
Државата, како што вели Кузеска, не може да се води така. Според неа, граѓаните не можат вечно да трпат заради туѓи договори, туѓи сметки и туѓи амбиции. Ова, додава, е момент за соочување со политичката вистина: Македонија нема време за експерименти, нема простор за играње држава. Потребна ни е функционална, одговорна и сериозна власт.
СДСМ, како што нагласи, ќе продолжи да биде гласот на разумот и одговорноста.
„И оваа власт, како и сите што се градат врз лаги и интереси, ќе падне. Прашње е само колку штета уште ќе направат дотогаш“.