Македонија
(Видео) Русковска: И други функционери се под истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите

Шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во однос на најновата афера за злоупотреба на ИПА-фондовите за што беше уапсен Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, информираше дека при претресите во Италија пронајдени се нови докази за случајот. Русковска исто така најави дека Јахија не е единствен функционер за кого има истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите во државава.
„При претресите во Италија се најдени докази кои ќе служат во постапката против нашите државјани. Во тек се предистражни и истражни постапки и за други функционери за злоупотреба на фондовите“, рече Русковска.
Обвинителката не ја исклучува можноста за проширување на истрагата со нови осомничени за фирмите кои дејствувале.
„Само што почнавме треба да се прегледаат докази и потребни е извесно време да видиме дали ќе ја прошируваме истрагата“, рече Русковска.
„Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР по наредба на јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во координација со италијанското обвинителство од Милано, а со поддршка на ‘Европравда’, спроведе координирана полициска операција за обезбедување докази за примање поткуп од двајца државни службеници при избор на правно лице за спроведување на проект финансиран од страна на ИПА-фондовите“, пред два дена информираше обвинителството за уапсениот Јахи Јахија од Куманово.
Спроведени биле симултани претреси во Северна Македонија и во Италија, и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Р Италија. Притоа, Министерството за внатрешни работи привремено одзеде повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), уесбе и микро СД-мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација, а еден осомничен е уапсен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петровска – Блашчак: Македонија и Полска се амбициозни во унапредувањето на одбранбената сојузничка соработка

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во Варшава се сретна со нејзиниот полски колега, министерот за одбрана Мариуш Блашчак со кого разговараше за европската интеграција на нашата земја, безбедносната состојба во Европа и развојот на одбранбената соработка помеѓу двете земји – сојузнички во НАТО.
Петровска му се заблагодари на Блашчак за континуираната и гласна полска поддршка за членство на Северна Македонија во Европската Унија, при што истакна дека евроинтеграциите се уште еден начин на зацврстување на единството на европскиот континент и гарантирање на сигурноста на граѓаните.
„Северна Македонија е европска демократија која и во најтешкиот период по руската агресија врз Украина покажа дека целосно ги почитува и ги поддржува меѓународните правила и принципи. Со Северна Македонија како полноправен член, Европската Унија ќе биде побезбедна и посилна“, рече министерката на средбата.
Петровска и Блашчак изразија волја и интерес за засилување на македонско – полската билатерална одбранбена соработка, особено во доменот на заедничките обуки и вежби, при што министерката Петровска посочи дека неодамна завршената вежба „Анаконда 23“ во Полска на која учествуваа македонски офицери е пример за начинот на кој заеднички можеме да ја развиваме интероперабилноста во НАТО.
Во однос на безбедносната состојба на континентот, Петровска ја реафирмираше македонската поддршка за Украина преку хуманитарна и воена помош, имајќи предвид дека Русија ги прекрши принципите на меѓународниот поредок, а Украина има полно право да ги одбрани својата сувереност и територијален интегритет.
Министерот Блашчак се заблагодари за учеството на министерката Петровска на Варшавскиот безбедносен форум и порача дека земјата е отворена за засилување и унапредување на одбранбената соработка со Северна Македонија како земја – сојузник.
Претходно, министерката Петровска се сретна и со Стефан Дион, специјален претставник на Канада за Европската Унија и Европа, со кого разговараше за европската интеграција на земјите од Западниот Балкан.
„Северна Македонија е европска држава која ги споделува европските вредности и припаѓа во Европската Унија. Европскиот пат на Северна Македонија мора да продолжи. Тоа е одговорност на секој политички субјект во Европската Унија и во Северна Македонија и јас очекувам лидерство и храброст да се завршат преземените обврски кои ќе овозможат да чекориме на патот кон полноправно членство во Унијата“, рече министерката.
Македонија
Ако не ни ги прифатат барањата, продолжуваме со поригорозен штрајк, порачаа судските административци

Штрајкот во Обвинителството ќе продолжи.Од УПОЗ велат дека добро е што е формирана работна група за да се решат нивните барања, но дека преговорите не смеат да се одолговлечат.
Рекоа дека очекуваат работната група да почне да работи за седум дена и дека на првата средба ќе бараат дефинирање на рокови, односно работната група да си ја заврши својата работа за десет дена.
„Доколку не ги прифатат нашите барања, штрајкот ќе продолжи во поригорозен начин и нема да се работат никакви задачи во обвинителството. Ако не се договориме, очекуваме да ни се приклучат и колегите од судовите и колегите од правобранителството“ рекоа од УПОЗ.
Остануваат на своите барања за покачување на платите од 78 проценти и им порачуваат на надлежните институции сериозно да ја сфатат ситуацијата.
Македонија
Лидерите да им објаснат на граѓаните зошто се носи законот за амнестија, порача американската амбасадорка Агелер

Политичките лидери треба да им објаснат на граѓаните зошто се носи законот за амнестија, изјави американската амбасадорка, Анџела Агелер, одговарајќи на новинарски прашања.
Прашана како САД го коментира законот, амбасадорката рече дека нацрт законот е во парламентот и тоа е она што засега го знаат. Најважно за амбасадата на САД, вели Агелер, е процсот да помине низ транспарентно и правно, а граѓаните да знаат што се случува и зошто се носи таков закон, одсносно избраните лидери да ја објаснат улогата на законот.
Додаде дека САД одблиску ќе го следат процесот.
Агелер ги коментираше и уставните измени што треба да се донесат за почеток на преговорите со Европската Унија. Во таа насока, амбасадорката изјави дека многу е важно земјата да биде дел од ЕУ поради иднината на децата и оти секоја можност треба да се искористи.