Македонија
Русковска најави борба по предлогот за да ја разрешат: Не сум поразена, не се каам

Вилма Русковска смета дека не е поразена со одлуката на дисциплинската комисија со која се бара нејзино разрешување од обвинителската функција. Веќе најави: „Ќе се борам до крај со сите средства“. Русковска за „Макфакс“ посочи дека одлуката била донесена уште кога била на сослушување во Обвинителство, што го искоментира: „Со самото неприфаќање на мои сведоци и докази, знаев која е одлуката. Знаев дека е донесена одлуката“.
„Јас ја немам добиено одлуката, ова го знам од тоа што е објавено на ЈОРМ. Образложението го немам прочитано и не можам да коментирам ништо“, рече Русковска, а на потпрашање што ќе прави ако ѝ ја одбијат и жалбата, посочува: „Отом потом“.
Русковска, прашана дали се покаја што не отиде во пензија, со што ќе немаше простор за утврдување на дисциплинска одговорност, за „Макфакс“ вели: „Не, не, апсолутно не сум се покајала. Апсолутно не“.
Прашана дали овој предлог за разрешување го смета за порака до неа, посочи: „Не знам тоа. Не знам, не сакам утре да се најдам по судови“, а на потпрашање дали се плаши од тужби за клевети, додава: „Не се плашам. Секое судење чини многу. Не сум во ситуација за судење да давам пари. Ги немам тие пари, како што рече Боки 13 дека сум имала 4 милиони (алудирајќи на рочиштето каде Боки 13 ја обвини за корупција од 4 милиони). Морам да си водам сметка за секој денар. Не би сакала да се најдам по судови“. Русковска одговарајќи дали ќе се најде пред судови ако спомене било чие име, рече: „Да, да“.
На прашањето дали смета дека оваа одлука е политичка нарачка за неа, таа вели: „Не, јас не сум политичар и не сметам дека е политичка нарачка. Ова е борба помеѓу правото, правдата и неправдата. Во Македонија не постои политички прогон и позади тоа цврсто стојам. Политички прогон било ’48 за време на Информбиро (*тоа била организација доминирана од СССР со цел да се обединат идеолошките и политичките ставови на комунистичките партии во Европа), политичко прогон било во Шпанија за време на Франко (лидер на Шпанија за време на граѓанската војна), политички прогон било за време на Пиноче (диктатор) во Чиле. Кај нас не постои политички прогон“.
„Макфакс“ праша и кој ја претставува неправдата, ако правдата е Русковска, на што обвинителката одговори: „Не знам кој ја претставува. Вие како новинари треба да истражите“.
Претходно, Комисијата за дисциплинска одговорност донесе одлука да предложи разрешување на Русковска до Советот на јавни обвинители. Тие сметаат дека сторила тешка дисциплинска повреда со претресот во Финансиската полиција кај ексдиректорот Арафат Муареми.
Став за „Макфакс“ даде и обвинителката Ивана Трајчева.
Судирот меѓу Вилма Русковска и ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муамери, резултира со дисциплинска постапка за обвинителките. Тој обвинуваше дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот. Дисциплинска беше отворена по предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти во случајот, откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше и суспендирана од работа, а за тоа рече дека оваа атака ја доживува како удар и врз правото и правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи во Прилеп, патот Охрид-Свети Наум во целосен прекин поради одрон

Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија Прилеп, Охрид и југозападниот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Од страна на раководителот на РЦУК- Прилеп побарано е од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.
Во охридско пак, поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
Македонија
Петкоски: Градоначалникот Коњановски нема да дозволи поради личните суети и политички игри на СДС да се загрозат интересите на граѓаните на Битола

Лицемерие, дрскост, импровизација и максимална деструктивност, почитувани граѓани, е она што најблаго може да се каже за СДС. За криминал и недомаќинско работење си дозволуваат да зборуваат оние што се уништија, продадоа и разграбаа, ни го уништија достоинството, дури го доведоа во прашање и најосновното – секојдневното обично преживување, вели Зоран Петкоски, советник во Советот на Општина Битола од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тотално неспособни да се справат со економската и енергетската криза, државата ја доведоа до услови во кои секој нејзин граѓанин, води борба од ден во ден како да преживее или како да замине од овде, да обезбеди леб и основна егзистенција. Конечно сами признаа дека повеќе од шест години бесрамно лажат и ја пустошат и Битола и Македонија. Како не се срамат, не еднаш, ами два пати да го промовираат проектот за автопатот, односно дрско пред очите на сите се фалат со капитални инвестиции, кои не се ништо друго туку обезбедување личен капитал за Груби и Ковачевски – намесникот премиер, вели тој.
Според Петкоски, тоа е криминал, тоа е корупција, тоа е лично богатење, за кое набрзо ќе има и одговорност.
Ова што СДС го прави на локално ниво, во ништо не се разликува од нивната распадната централна врхушка во заложништво на ДУИ. Само овде има уште повеќе аматеризам и ситно партиско профитерство. Градоначалникот Тони Коњановски и ВМРО ДПМНЕ, секогаш ќе работат според позитивните законски прописи и ниту милиметар нема да отстапат од она што во заеднички сојуз со Вас, почитувани граѓани го зедоа како своја обврска вели Петкоски.
Градоначалникот Коњановски, нема да дозволи, како градоначалник на сите жители на општина Битола, политичките игри и личните суети, партиската дрскост на СДС, да ги загрози интересите на граѓаните и функционирањето на локалната самоуправа, уште повеќе кога тоа се прави на штета на сите граѓани и неодговорно и незаконски! Градоначалникот Коњановски, максимално ги прави и ќе продолжи да ги прави сите напори, во услови на страшна економска криза, во услови на ужасни состојби во државата, општина Битола да функционира и да реализира проекти од севкупен заеднички интерес.
Јавните претпријатија и натаму ќе продолжат континуирано да бидат вистински сервис и со заеднички усилби да ги надминуваат предизвиците, вели Петкоски.
Македонија
(Галерија) Мртви риби во езерцата во Градски парк

Поранешното место за уживање во Градски парк е оставено на милост и немилост на природата и несовесните граѓани.
Минувачите се револтирани од глетката на мртви риби на површината на езерцата.
Наместо да се ужива во убавината на водата и зеленилото, грда е глетката на валкана вода, ќеси, пластика кои пловат по езерцата.
Граѓани кои се секојдневно тука велат одамна не се исчистени езерцата и бараат од градоначалничката Данела Арсовска да се фати за работа.