Македонија
Обвинителката Трајчева за казната: Не знам како е донесена таква одлука, јас во предметот немам постапувано
Обвинителката Ивана Трајчева не ја добила одлуката со која е казнета од Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност, а поради претресот во Финансиската полиција за кој претставка поднесе ексдиректорот Арафат Муареми. Трајчева за „Макфакс“ вели дека постапила во согласност со наредбата од шефицата Вилма Русковска за одлуки кои како предметен обвинител ги донела. Таа посочува дека го видела соопштението на Републичкото јавно обвинителство, како и дека во него не е посочена со име и презиме. Доколку се однесува на неа – не ѝ е јасно како е донесена ваква одлука и ќе има жалба.
„Не можам да ја коментирам одлуката во смисла на кој се однесуваат казните бидејќи ја немам примено одлуката, а во објавеното соопштение, не на страницата на ЈОРМ, нема истакнато имиња по однос на одлуката на комисијата. Доколку една од утврдените повреди се однесува на мене како обвинител, јас навистина не знам како е донесена таква одлука и секако дека ќе го искористам моето право на жалба. Ова од причина што јас во тој предмет немам постапувано како обвинител. Мое име и презиме, како и потпис, не фигурираат никаде. Она што го имам направено е да постапам по наредба од претпоставен и предметен обвинител за одлуки што тој ги има донесено во предметот по кој постапувал. Дотолку повеќе што станува збор за наредба судска, која сè уште е во сила, не е оспорена – а мене ми се става на товар дека потешко сум го прекршила законот“, изјави Трајчева за „Макфакс“.
Обвинителката Ивана Трајчева е позната во јавноста по неколку предмети што ги водеше, како што се гонењето за „Софтвери“ против Драги Рашковски, „Еразмус“, „Спец каса“, „Шпански скали“, „27 април“ „Организатори на 27 април“, „Рекет“, „Меѓународен сојуз“.
Комисијата за дисциплинска одговорност утврдила дека обвинителката сторила тешка дисциплинска одговорност и изрече мерка намалување на месечната плата во висина од 30 % од исплатената нето-плата во траење од 6 месеци. За Вилма Русковска, ексшефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, се предлага разрешување од обвинителската функција.
Претходно, судирот меѓу Вилма Русковска и ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муамери, резултира со дисциплинска постапка за обвинителките. Тој обвинуваше дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот. Дисциплинска беше отворена по предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше и суспендирана од работа, а за тоа рече дека оваа атака ја доживува како удар и врз правото и правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

