Македонија
Сведокот ги препозна двајцата напаѓачи што го претепаа Никола Саздовски
На денешното рочиште за убиството на 20-годишниот навивач на групата „Комити“ повеќе од два часа сведочи сведокот Миле Алексовски, кој за време на нападот бил на автобуската постојка.
Алексовски, кој се наоѓал на неколку метри од нападот, ги препозна двајцата напаѓачи Бесир Беља и Скендер Демири, кои според обвинeнието заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот Александар Македонски во Автокоманда.
Тој во своето сведочење изјави дека обвинетите заедно со уште едно лице го удирале сега починатиот Никола Саздовски. На крајот од нападот двајцата тргнале со возило „мерцедес“, а едниот останал и со нога го удирал Саздовски во пределот на вратот.
„До мене беа покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки, мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав, остајте го детето, ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај „мерцедесот“, а едниот го удри со ногата во вратот. Ја запалија колата и отидоа“, истакна сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.
Сведокот Алексовски вели дека воопшто немало крв. Тој посочи дека се обиделе да го освестат детето, го вртеле на страна, но испуштил крв од устата. Повикале брза помош, но задоцнила, а кога дошла полицијата, дал изјава, посочи сведокот.
Претходно обвинителот побара исклучување на јавноста поради вознемиреност на сведокот, но судечкиот совет го одби барањето. Јавниот обвинител Анел Фидовски во воведниот говор кажа дека ќе докаже оти двајцата обвинети Бесир Беља и Скендер Демири заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29 јуни годинава на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди.
Во воведен говор адвокатот Насер Руфи рече дека обвинетиот Беља немал никаква намера, ниту умисла да го лиши од живот Саздовски и додаде дека ќе докажат дека единствена причина за смртта што настапила е поради ударот во метална кутија на ЕВН што се наоѓа на автобуската постојка.
Адвокатите посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна. Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, а за третоосомничениот, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот, распишана е домашна и меѓународна потерница.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.

