Македонија
Се испитуваат сведоци во Илинден каде загина 14-годишното девојче, телото дадено на обдукција

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на МВР и обдуцент од Институтот за судска медицина изврши увид на лице место на железничка станица во општина Илинден, каде според првичните сознанија, како последица на струен удар починало 14 годишно девојче.
Првичните информации упатуваат на тоа дека несреќата се случила кога девојчето со уште две други деца си играло околу паркираните вагони, при што во еден момент се качило на еден од вагоните и се допрело до жиците за струја под висок напон. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатото девојче.
Со двете малолетни лица – сведоци на настанот е извршен разговор, местото е фотографирано и се работи на испитување на сите околности кои довеле до трагичниот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Република Македонија во Рим го одбележува денот на Свети Кирил и Методиј

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска и утре престојува во Рим, Италија, како член на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј.
Делегацијата денеска присуствуваше на молебенот во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, со кој чиноначалствуваа владиците Јосиф и Јаков, заедно со претставници од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во рамките на културната програма, организирана по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, министерот Љутков утре (24 мај) ќе присуствува и ќе има обраќање на концертот на маестро Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, што ќе се одржи во историскиот простор „Хорти Салустијани“ („Horti Sallustiani“) во вечниот Рим. Ќе бидат изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.
Претходно, според предвидената агенда, државно-црковната делегација утре ќе го посети гробот на папата Франциск, а ќе положи и свежо цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на Свети Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим е востановено во 1969 година, по повод 1100-годишнината од неговата смрт, и оттогаш се одбележува секоја година на 24 мај, со највисоки почести од државно-црковната делегација.
Македонија
Временска прогноза за викендов: дожд, грмежи, засилен ветер и пониски температури

Времето утре ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен ветер. Пообилни врнежи ќе има кон крајот на денот и во текот на ноќта, особено во источните и јужните делови.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје утре ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд, повремено пороен проследен со појава на грмежи и засилен северен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во недела времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд, проследени со ретки грмежи. Врнежите ќе бидат пообилни во источните делови (над 30л/м2). Повремен локален дожд ќе има и во понеделник претпладне. До среда ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Силно одбранбено партнерство и целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика, Мисајловски и Калас ги посетија Балканските медицински наменски сили

Министерот Владо Мисајловски и високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас денеска (23 мај) ги посетија Балканските медицински наменски сили (Balkan Medical Task Force) каде извршија увид во опремата со која Европската Унија го поддржа развојот на оваа регионална организација.
Министерот Мисајловски истакна дека поддршка од Европската Унија, но и од сојузниците во градење на македонските одбранбени капацитети се должи на искрената посветеност, подготвеност и професионалност во зачувувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот и пошироко.
„Европската Унија ја препозна нашата искрена заложба за зајакнување на безбедноста вклучувајќи го и придонесот во мировните мисии и операции и одговори позитивно на барањата за зајакнување на македонската Армија со помош во опрема во висина од 40 милиони евра“, рече министерот.
Тој додаде дека европската помош се однесува на „ опрема за потребите на инженерија, за воено медицинскиот центар, за Лесната пешадиска баталјонска група, за логистиката, технологии поврзани со разузнавање, набљудување и извидување, електронско војување, комуникациско – информациски системи, системи за команда и контрола, заштитна опрема“ и посочи дека со оваа помош е опфатена и обука на персонал.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Калас за Балканските медицински наменски сили рече дека се силен пример за регионална соработка што дава резултати.
„Европската Унија ја поддржува оваа иницијатива и политички и финансиски, бидејќи таа точно го одразува она за што се залагаме во Западен Балкан: доверба, партнерство и постигнување видливи резултати за луѓето. Оваа иницијатива е уште поважна бидејќи се однесува на спасување животи“, рече Калас.
Калас посочи дека Северна Македонија е доверлив партнер, целосно усогласен со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, придонесувајќи во операциите на ЕУ, особено во ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина и истакна дека јасноста и конзистентноста во геостратешката ориентација на нашата држава „се клуч што би можел да отклучи подлабока одбранбена соработка со ЕУ“.
Балканските медицински наменски сили се меѓународна организација со седиште во Скопје, формирана со цел да обезбеди брз и координиран одговор при катастрофи предизвикани од природни непогоди или човечки фактори. Земји членки на БМНС се Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Црна Гора.