Крвав четврток
(Видео): Собранието не му го одзеде имунитетот на Вељаноски, Џафери ја прекина седницата
Пратениците не гласаа за одземање на имунитетот на експретседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, осомничен за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Тензичната собраниска седница на чиј дневен ред беше само точката за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, која почна нешто по 21 часот, по речиси два часа, на полноќ, беше прекината од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
До прекинување на седницата дојде откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски бараа 45 минути пауза која Џафери не ја даде.
Мицевски процедурално побара да се обрати, по што Џафери му даде збор и до тој момент истече рокот, 12 часот на полноќ, до кога требаше да се гласа за одземање на имунитетот на Вељаноски.
Пред да ја прекине седницата, пак, Џафери ги викна координаторите на пратеничките групи на состанок со што поминаа дополнителни 5 минути од седницата, а пред тоа, пак, имаше еден час пауза на барање на пратеничката Елизабета Канческа Милевска. Откако заврши оваа, имаше уште една пауза од 15 минути која ја побара Мицевски.
Комисијата за мандатно-имунитетни прашања претходно во текот на вчерашниот ден по долга расправа со 4 гласа „за“ и 4 „против“ не донесе одлука за одземање на имунитетот на Вељаноски. Експретседателот на Собранието заедно со поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристевски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски е осомничен за организирање на „крвавиот четврток“.
Собранието треба да го извести судот за одлуката по што Вељаноски треба да се појави на распит каде судија на претходна постапка ќе одлучи дали ќе има притвор за пратеникот. Обвинителството бара притвор за Вељаноски поради можност од бегство и влијаење врз сведоци во постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
