Македонија
Спасовски: Безбедносната состојба во 2023 година е поволна, без индиции да биде нарушена

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на МВР и БЈБ беше во посета на Регионалниот центар за гранични работи Запад во Охрид, каде што оствари работна средба со раководствата на СВР Охрид, СВР Битола и РЦГР Запад, а со цел да се слушнат резултатите од постапувањето на полициските службеници по поставените стратешки приоритети и цели, и да се направи своевидна рекапитулација на остварувањата во зголемување на безбедноста, имајќи предвид дека годината наближува кон крајот.
По брифингот со раководствата на овие организациони единици на БЈБ при МВР, министерот Спасовски даде изјава за медиумите во која информираше за безбедносната состојба и за постигнатите резултати и идни планови.
„Безбедносната состојба на подрачјето во 2023 година е поволна, без индиции да биде нарушена, а благодарение на раното детектирање на новите трендови и закани се олеснува превенцијата и борбата против криминалните појави”, рече министерот Спасовски. Притоа тој се осврна на постигнувањата на РЦ Запад за 2023 година.
„РЦ Запад бележи зголемен проток на патници на граничните премини за 11% споредбено со 2022 година, при што на овие гранични премини влез и излез оствариле 3,4 милиони патници, a на Граничниот премин Ќафасан функционира режимот One Stop Control на проток на патници. Зголемување за 47 % е евидентирано и на бројот на странци со краткотраен престој, а што се однесува до илегалната миграција тенденцијата е иста како во генерални рамки, при што се бележи намалување на обиди за илегални преминување на нашата граница, како резултат на мерките и активностите кои се преземаат на терен и добрата поставеност на нашите служби. За одбележување се и контролните активности на Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, каде периодов беа пронајдени 620 мрежи со 337 кг уловена риба”, истакна министерот Спасовски.
Што се однесува до резултатите на СВР Охрид за 2023 година споредбено со 2022 година, Спасовски истакна:
„Во истиот овој период, СВР Охрид бележи намалување на криминалитетот за 18.8%, додека ефикасноста во расчистување на кривичните дела со непознат сторител изнесува 44%. Економскиот криминал бележи намалување од над 11 % на ниво на овој сектор, додека во делот на недозволена трговија со дрога во текот на оваа година поднесени се 133 кривични пријави, а динамиката на откривање и спречување е посебно нагласена во последната половина година, кога е реализирана заплена на наркотична дрога во 78 наврати”, рече Спасовски, со уверување дека вработените во овие две организациони единици ќе продолжат со несмален интензитет да бележат позитивни резултати во гарантирањето на безбедноста.
Воедно, во пресрет на претстојните празници и очекуваното зголемено присуство на граѓани во туристичките подрачја, министерот Спасовски посочи на уште позајакнати мерки и активности со цел одржување на поволен јавен ред и мир и високо ниво на безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ бара истрага за намерна манипулација со бројот на Aлбанците на пописот

Од „Вреди“, известуваат дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против поранешното раководство на Државниот завод за статистика, други одговорни и раководни лица во врвот на поранешната Влада на ДУИ и СДСМ, како и други лица со моќ на договарање во тогашната политичката власт во врска со пописот на населението.
Причина за пријавата, како што појаснуваат е сериозниот сомнеж за политичко договарање и следствено на тоа, фалсификување на резултатите од Пописот во 2021 година. Од „Вреди“ се сомневаат дека е извршено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување (чл. 353 од Кривичен Законик).
„Последиците од овој чин се далекусежни: драстично и свесно е намален бројот на прикажаните Албанци во многу села, населени места и градови низ државата. Со тоа Албанците лично и поединечно губат многу права (гарантирани со Уставот) како вработувања, политичка застапеност и јазична еднаквост. Но и институциите се доведени во ситуација да олучуваат за намена на средства и фондови по погрешни и намалени бројки, со што повторно се оштетени граѓаните во многу општини“.
Бараат Јавното Обвинителство да ги испита овие наводи.
„Дополнително, овие денови високи функционери на ДУИ јавно признаа дека „пописот бил во рамки на договореното“, што уште повеќе го поткрепува сомнежот за политичка режија на целата операција“.
Од „Вреди“ велат дека ја преземаат ваквата иницијатива во одбрана на законитоста, еднаквоста и реалната статистичка слика на државата. Очекуваат ОЈО итно да отвори предмет, да ги обезбеди сите материјални докази и да спроведе темелна истрага.
„Нема компромис кога се повредува достоинството и бројноста на нашата заедница. Борбата за вистината започнува сега и ќе ја истуркаме до крај, во интерес на сите граѓани на Република Северна Македонија“.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, во прекин сообраќајот кај село Луково

Од 12:42 часот, сообраќајот на патниот правец Струга – Дебар кај с.Луково е во прекин во двата правца, поради случена сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
50-60 магационирани БТР, „хермелини“ и „пинцгауери“ ќе гаснат пожари летово, им се вградуваат резервоари за вода, рече Мицкоски

Застарените и магационирани возила на министерствата за внатрешни работи и за одбрана се приспособуваат за гаснење пожари на непристапен терен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека годинава државата е драматично поподготвена за пожарите во однос на претходните години. Тој рече дека пожари ќе се гаснат како и досега со армиските и со полициските хеликоптери, како и со авионите на Дирекцијата за заштита и спасување, чие дополнување ќе бидат приспособените возила, кои досега стоеле во магацините.
„Она што ќе биде новитет е дел од застарената и магационирана опрема, како што се БТР 70, 80, старите ’хермелини’, ’пинцгауери’ и слично, кои беа во магацините на министерствата за одбрана и за внатрешни работи, се модернизираа, обработија, им се инсталираа посебни резервоари за вода, се купија пумпи што работат на висок притисок и може да пристапуваат на непристапни терени. Тие се за она што многу ни беше важно, навечер, кога огнот, како што велат, спие, да може да му пристапиме и да го изгаснеме за да не се распламти преку ден. Се подготвуваат и многу бргу од денеска ќе бидете сведоци на една таква показна вежба како од ништо направивме нешто. Очекувам 50-60 вакви возила да бидат подготвени со соодветен инсталиран волумен за вода до шест кубни метри, шест тона. Очекувам подготвено да ги пречекаме пожарите и мислам дека драматично сме многу поподготвени од претходните години“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Реплек“.
Премиерот извести дека двата авиона за гаснење пожари на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се тука, а третиот се чека да пристигне од сервис.
ДЗС денес извести дека го надминале и проблемот со недостиг на пилоти за авионите за гаснење пожари со тоа што повторно ги ангажирале двајцата пензионирани пилоти.