Македонија
Спасовски на средба со млади: Да го доисчистиме и политичкиот отпад на 15 јули, за сигурна европскамладинска иднина дома
Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, попладнево се сретна со млади луѓе во општината Гази Баба.
„ Ве мотивираме да учите, работите и живеете во својата земја со реална поддршка и затоа изборот на коалицијата Можеме на 15 јули е глас за вашата шанса за сигурна европска иднина дома. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, режимот ги крадеше парите на граѓаните и со бесперспективноста ги бркаше младите од државата. Тие времиња не смееме да дозволиме да се вратат. Затоа не смееме да останеме дома на 15 јули. Се носи важна одлука и мора сите да излеземе на гласање и да гласаме за број 3 и за младинската сигурна иднина“, повика Спасовски.
„ Во Програмата на СДСМ се обврзуваме на создавање средина во којашто младите ќе го јакнат претприемачкиот дух, иновациите и креативноста. Ќе продолжиме да градиме општество кое поттикнува почитување на талентите и вештините за подобрување на општеството.
Оператиниот план за активни програми и мерки за вработување продолжува со рекорден буџет за 2020 година од 1.3 милијарди денари. Ќе има директна поддршка на младинското и женското претприемништво, преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра. Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени млади до 29 години во првите две години од работењето. Парите одат директно на сметките на младите. Продолжува и мерката за 3.000 денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование“ додаде Спасовски.
Тој посочи на резултатите од некои досегашни младински политики како што е проекот Младинска гаранција.
„ Нашата држава е прва земја која не е членка на ЕУ, а го спроведува овој проект. Преку Младинската гаранција, во 2018 година беа вклучени се 5.266 млади од кои 1.923 се вработени. Во 2019 година, вклучени во Младинската гаранција биле 20.302 млади од кои 6.036 се вработени. Во 2020 година, заклучно со 30.јуни, за само 6 месеци, вклучени се 8.173 лица, од кои дури 2.431 се вработиле. Сите други се вклучени во други мерки за зголемување на нивната вработливост, меѓу коишто е и дообразувањето. Активните мерки за вработување, каде освен Младинската гаранција влегуваат и разни добиени грантови, обуки, ИТ вештини, помогнаа на 14.000 млади до 29 години да најдат работа, да се обучат, да се дообразуваат. Со нив 5.412 лица директно се вработиле, а 8.991 лице преку оваа мерка поминале подготовка за потенцијално вработување. Никогаш не биле младите вака директно поддржани со конкретни политики и финансиска поддршка, како денес“ посочи Спасовски.
Тој рече дека СДСМ знае дека на младите освен повискоите плати, што ќе бидат обезбедени преку новата развојна економија, им значат и условите за живот, поради што ќе градиме и иновативна, дигитална, праведна и еко држава.
„ Еколошки мерки се потребни и во политиката, конечно да расчистиме со остатоците од режимот, ајде на 15 јуни да ја довршиме работата и да го доисчистиме политичкиот отпад“ ги повика Спасовски, младите, на средбите во Гази Баба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

