Македонија
Таравари ги поздрави проширените санкции од САД за Западен Балкан: Нека размислат оние што имаат проблем
Арбен Таравари, министер за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, која е дел од владејачката коалиција „Вреди“, го поздравува потегот на американскиот претседател во заминување, Џо Бајден, кој го прошири опсегот на санкции за Западен Балкан. Проширени се категориите на поединци што подлежат на американски санкции поради оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции и ангажирање во значителна корупција, што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократското владеење и избегнување на санкциите на американската влада.
„Имаше практично најава дека имаме поригорозни мерки од претседателот на САД, Бајден, за оние што злоупотребуваат и не почитуваат одредени меѓународни спогодби, особено за Западен Балкан. Ние го поздравуваме и како Влада се придржуваме максимално на сите тие меѓународни договори. Нека размислат оние што имаат проблем“, рече Таравари.
Санкциите, меѓу другото, се однесуваат на лица што директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или закана за спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за заемно признавање на Западен Балкан.
Такви се договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, Дејтонскиот договор или заклучоците од Советот за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година.
Новата регулатива нагласува дека санкциите се применуваат за секого за кого Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е лидер, службеник или член на ентитет, вклучително и владин ентитет, кој се вклучил или се обидел да се вклучи во која било од активностите дефинирани во регулативата за санкции. На црната листа на САД со измените може да се најдат и сопружници и возрасни деца на лица чии средства и интереси се блокирани во согласност со регулативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

