Македонија
Терапија без прекин, побара Асоцијацијата за цистична фиброза на средбата со Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на здружението Асоцијација за цистична фиброза.
На средбата претставниците на Асоцијацијата потенцираа дека бараат да им биде обезбедена модуларна терапија, која во некои од соседните земји веќе е достапна за болните од цистична фиброза. Исто така, од таму укажаа на потребата дијагнозата цистична фиброза да се врати во регистарот на ретки болести. Со тоа, како што истакнаа, ќе им се олесни пристапот на болните до соодветните лекови.
Во разговор со претседателот Пендаровски претставниците наАсоцијацијата ги споделија и другите предизвици и проблеми со кои се соочуваат.
Притоа ја посочија потребата од континуиран и непрекинат пристап до стандардната терапија, набавка на медицински помагала – инхалатори и витамински суплементи.
Изразувајќи поддршка на нивните заложби за актуализирање и подигнување на свеста за оваа болест, претседателот Пендаровски ја нагласи потребата од ангажман на сите надлежни институции во насока на обезбедување соодветен третман на пациентите во согласност со светските трендови.
Во таа насока претседателот Пендаровски го истакна придонесот на Асоцијацијата, која во континуитет им помага на овие граѓани како во справувањето со нивната болест така и со низата неизвесности што произлегуваат од неа, информираат од кабинетот на Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште шест кандидати за градоначалници

Покрај кандидатурата на Орце Ѓоргиевски за градоначалник на Скопје, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за уште шестмина кандидати кои ќе влезат во градоначалничката трка на претстојните локални избори.
Нивните имиња ги соопшти премиерот, Христијан Мицкоски, по состанокот.
За Гази Баба повторно е кандидиран актуелниот градоначалник, Бобан Стефковски.
За Карпош – Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, а Мицкоски за него кажа дека има успешна професионална кариера и менаџерски способности.
Кандидат за Лозово е актуелниот Бошко Цветковски, за Пехчево – актуелниот Александар Китански, за Ресен – актуелниот Јован Тозиевски и за Зрновци – актуелниот Борчо Коцев.
„Во изминатите четири години покажавме дека градоначалниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можат да раководат чесно, без скандали, без афери и со многу работа“, изјави Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и премиер додаде и дека на овие избори, партијата настапува со понуда за чесни, некомпромитирани и вредни кадри, затоа што токму тоа ѝ недостигало на државата и на општините со децении. Истовремено, најави Мицкоски, ќе излезат пред граѓаните со јасна визија и програма за развој на секоја општина.
Македонија
Костовски: Голема нервоза во белата палата, клеветите не поминуваат

Во реакција на својот профил на Фејсбук на прес-конференцијата на Бране Петрушевски, кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Мартин Костовски, порача:
„Голема нервоза во белата палата. Го извадиле Бране – човекот кој е директно против сиромашни работници и повисоки плати – да врти стари лаги и да ме клевети. Ама не кажа дека за истиве клевети веќе има и судска одлука – Бране изгуби во прв степен и треба да ми плати 2.500 евра отштета, пари кои веднаш ќе ги донирам. Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина.
Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност. Нека продолжат вака, народот на Куманово гледа и добро знае. Следи голема казна на локалните избори. Народот не паѓа на коалициски математики.
А на Бране не може јас да му бидам крив што не е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, никој во партија не го сака ниту за измеќар. Седи си во Парламент и троши си ги парите, народот веќе ништо не очекува од такви како тебе.“ – напиша Костовски.
Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.