Македонија
Универзалната сала не изгоре, изгоре она што требаше да биде дислоцирано, вели Арсовски

Надзорниците на изградбата на Универзална сала, објект што во вторникот пламна во пожар, по денешниот брифинг со медиумите, рекоа дека ќе има вештачење и ќе мора да се испита последната конструкција – новата.
„Ќе има веројатно вештачење и ќе треба да се испита новата конструкција, тоа ќе го прават институти и треба да се покаже дали егзистенцијата на материјалот не е нарушена. Ако не е, тогаш ќе продолжи со работа. Доколку е спротивното, нарушеното ќе се демонтира и ќе се прави нова конструкција. Позицијата која е руинирана, која се запали, е позиција за која има распишано јавна набавка. Колку време ќе трае тоа, не зависи од нас, МВР сѐ уште прави увид, сигурно ќе има вештачење од Обвинителството или некои засегнати страни. Тоa е процес и на крајот ќе треба испитување на целиот материјал, односно на критичниот материјал, кој беше најизложен на огнот“, рече еден од надзорниците.
Лазар Арсовски, сопственик на компанијата што ја вршеше реконструкцијата на Универзалната сала, рече дека изгорени се елементи што треба да бидат дислоцирани од тој објект.
„Сѐ што беше вредно, сѐ што имаше некаква вредност и за музеј, што може да се искористи, уште во 2020 веќе беше извадено од салата. Во глобала, во салата беа старите материјали, како иверка, стар челик, стар алуминиум. Универзална салата не изгоре, изгоре тоа што требаше да биде дислоцирано. Секоја штета што е направена ќе ја сносат нашите две компании. Новиот објект може бргу да се почне, а ако биде увидена штета на новата челична конструкција, ќе биде заменета со нова. Сѐ додека е во наше владение проектот, ние тоа мора да го направиме и ќе го направиме. Уште еднаш да објаснам, овој пожар нема жртви и не направи некоја преголема штета на самиот проект и ако има таква, ние ќе ја сносиме“, рекоа од таму.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по пожарот што ја зафати Универзалната сала, изјави дека Министерството за култура ги чека наодите од Јавното обвинителство, од Министерството за внатрешни работи, од Државниот инспекторат за труд, и упати апел да не се шират шпекулации за причините и за штетите од пожарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
62 балони летнаа кон небото во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот во „Пулс“

Во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот од 16 март годинава во дискотеката „Пулс“, попладнево во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативен настан што го организираше Општината со подршка на Црвениот крст, како дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот.
Со многу емоции, членовите на семејствата на настраданите, облечени во црни маички, два часа ја следеа актерката Наталија Теодосиевска, кочанчанка, која со збор и фотографија ги спомена сите загинати што потекнуваат од Кочани, Оризари и општината Чешиново – Облешево.
Комеморацијата заврши на отворена сцена, на јужната страна од ЦК „Бели мугри“ каде од рацете на деца во воздух летнаа 62 балони со имињата на прерано прекинатите 62 млади животи.
На присутните во салата на кочанската Национална установа им се обрати и Живко Гроздановски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Потоа, членовите на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 –ти март, придружувани од граѓани, заминаа на протестен марш во чест на нивните ангели низ улиците на Кочани.
Македонија
Муцунски од „Дубровник Форум“: Во 21-ви век нема место за национализам во Европа

На покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на 18. издание на „Дубровник Форум“ – меѓународна конференција што се одржува денеска и утре во Дубровник, Република Хрватска.
Фокусот на дискусиите, како што соопшти МНРиНТ, бил ставен на безбедноста на Западен Балкан и процесите на Евроатлантска интеграција.
Министерот Муцунски имал обраќање во рамки на панелот посветен на овие теми, на кој беа разгледани и пошироки прашања како трансатлантските односи, европските предизвици, одбранбените капацитети на Европа и перспективите на Иницијативата „Три мориња“.
На панелот за Западен Балкан биле разменети ставови за напредокот на државите од регионот, значењето на европските и евроатлантските интеграции, како и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучиле дека, во услови на зголемени ризици, е потребен засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот на регионот.
-Случувањата во Европскиот парламент не беа само семантика. Тоа беше политички чин на негирање на идентитетот. И сакам да бидам јасен – национализмот од 19-ти и 20-ти век нема место во Европа на 21-от век. Идентитетот не е прашање за преговори, туку основно човеково право. Добрососедството не подразбира толерирање на провокации. За жал, мнозинството во Европскиот парламент го поддржа ова бришење, но имаше и пратеници кои гласаа против или се воздржаа. Еден од нив е со нас денес. Му благодарам нему и на сите што постапија принципиелно – тоа е доказ дека совеста сè уште постои во европската политика, истакнал Муцунски.
Во своето излагање, министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Република Северна Македонија кон зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, укажувајќи дека глобалните безбедносни предизвици бараат поголемо внимание од меѓународната заедница. Западен Балкан, поради својата геополитичка положба, претставува нераскинлив дел од европската безбедносна архитектура.
Тој подвлекол дека предвидливите и достижни европски и евроатлантски процеси се потврдени механизми за унапредување на реформите, постигнување на долготраен мир и спречување на негативни надворешни влијанија. Муцунски ја потенцирал и потребата од зајакнување на регионалниот дијалог, соработка и меѓусебна поддршка во интегративните процеси, истакнувајќи дека земјите од регионот имаат заедничка одговорност да ги поддржуваат иницијативите за помирување и решавање на отворените прашања.
Во заклучоците, министерот Муцунски ја нагласил и неопходноста од зајакнување на капацитетите на земјите од регионот за справување со современите безбедносни предизвици, со што ќе се зајакне нивната и отпорноста на целиот регион, како директен придонес кон европската безбедност.
Македонија
Ангелов: Најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција

Во моментов најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција. Тоа е пожар кој гори неколку дена. Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожартот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар беше многу тешко да се стави под контрола, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, бидејќи е раширен на поголема територија, претставува опасност да ги зафати и околните шуми.
-Во соработка со колегите од грчка страна кои понудија поддршка од два канадери го активиравме Европскиот механизам за цивилна заштита за употреба на овие канадери кои треба да дејствуваат. По потреба на располагање имаме еден полициски и еден армиски хеликоптер, како и два ЕР трактори на ДЗС, затоа што вториот предмалку слета во Скопје, рече Ангелов.
Информира дека предмалку избил нов пожар на територија на Крива Паланка во близина на местото каде беснееше пожарот пред неколку дена.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, како што информира Ангелов, регистрирани се повеќе од 40 пожари на отворен простор.