Македонија
Царовска на министерски состанок на УНЕСКО: Не дозволивме застој во образованието

Република Северна Македонија успешно се справува со пандемијата во делот на образованието и ќе спречи генерациска катастрофа, благодарение на фокусот кој беше и сè уште е ставен на забрзување на процесот на дигитализација на образованието. Не дозволивме образованието да има застој. Правото на образование е овозможено на сите, преку хибриден модел на едукација кој понуди во училиштата, зависно од ситуацијата на локално ниво, да се примени настава со физичко присуство или, пак, онлајн или друга форма на настава на далечина, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на панел-дискусијата на министерскиот состанок на високо ниво организиран од УНЕСКО, во рамките на Глобалната коалиција за образование.
„Успеавме во онлајн настава да вклучиме над 91% од вкупниот број на ученици. Помогнавме на околу 32.000 деца кои потекнуваат од 18.000 семејства во социјален ризик да бидат дел од таа онлајн настава, преку доделување ваучери за бесплатен интернет, а најголемиот дел од нив добија и ИТ-уреди со поддршка на локалните самоуправи и бизнис-заедницата. Наставата, пак, која се одвива во училиштата за учениците за кои имаме согласност од родителите и старателите дека сакаат да посетуваат настава со физичко присуство, се покажа како безбедна и училиштата не се трансмитери на заразата. Тоа го потврдува фактот дека, и на крајот од првото полугодие и сега во моментов помалку од 1% од наставниците и учениците во училиштата се заразени со вирусот. Ова значи дека планот и протоколите за организирање на наставата се добро обсмислени и најважно е што се почитуваат од сите засегнати страни“, укажа министерката Царовска во онлајн обраќањето.
Таа нагласи дека учебниците делумно се дигитализирани, бидејќи актуелниот закон е таков што го ограничува целосното дигитализирање, но тоа, со новата регулатива, наскоро ќе се смени. Со новиот закон, за кој во тек е јавна расправа, се предвидува сите учебници и наставни и дидактички материјали од кои децата ќе учат, да бидат достапни преку посебна и единствена електронска платформа.
„Пандемијата дури и нé мотивираше да се забрзаат одредени процеси, на кои во минатото им требаше повеќе внимание од страна на институциите на системот. Меѓу нив се и обуките на наставниците за онлајн настава и воопшто за работа во вакви услови со ученици, но и јакнењето на стручните психолошко-педагошки служби во секое училиште, за да се заштити менталното здравје на младите и од сето ова да излезат посилни и поподготвени за предизвиците што ги носи подоцнежниот период од животот“, укажа Царовска.
Потврдувајќи дека дигитализацијата на образованието е еден од врвните приоритети и на Владата, министерката рече дека тој процес постојано се надградува поради креирањето и појавата на иновациите.
„Свесни сме дека отсуството на инвестиции во овој процес, значи ризик да се заостане во развојот на човечкиот потенцијал и затоа, целта ни е да изградиме образование кое ќе биде флексибилно и лесно прилагодливо на секоја идна состојба која се појавила, а не сме можеле да ја предвидиме. Во оваа насока е и неодамна усвоената Концепција за основно образование, со која за првпат се воспоставуваат национални стандарди за компетенциите што треба да ги стекнат учениците за време на основното образование, меѓу кои се и компетенциите за дигитална писменост. Тоа се едни од клучните компетенции за доживотно учење опфатени во препораките на Советот на ЕУ и препораките кои произлегуваат од меѓународни студии со цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјите членки“, рече министерката.
Предизвик останува опремувањето на училиштата, но и континуирано следење на глобалните стандарди во сферата на ИТ- технологијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за здравство: Во време на полициски час, ВМРО-ДПМНЕ одбира да прави партиски собири

Во време на полициски час и затворени објекти, како би спречиле вирусот Ковид-19, да се шири, ВМРО – ДПМНЕ одбира да прави партиски собири и да ги крши мерките по којзнае кој пат, велат од Министерството за здравство за протестот што ВМРО-ДПМНЕ го најави за утре.
„Грижата кон граѓаните погодени од ковид кризата, опозициската ВМРО – ДПМНЕ, ја покажа и докажа синоќа во Собранието. ВМРО – ДПМНЕ одбира да биде на страната на манипулациите, лагата, смислени сценарија за наводни криминали провизии. Министерството за здравство жали што опозициската партија одбива да искористи ефикасен и конструктивен демократски механизам туку единствено што прави ја опструира работата на здравствените работници кои се на правата борбена линија на ковид пандемијата“, велат од МЗ.
Македонија
Во болниците низ земјава се лекуваат 1.708 ковид-пациенти

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1.708 пациенти со коронавирус и има околу 338 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.
Во ковид-центрите во Скопје, пак, во изминатите 24 часа се хоспитализирани 61 нов пациент поради компликации од коронавирусот, а се лекуваат вкупно 704 пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 47 оздравени пациенти од болниците во Скопје, а бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 83 слободни места.
Македонија
Приведен Драги Рашковски, Обвинителството бара притвор

Полицијата го приведе поранешниот секретар во кабинетот на премиерот и поранешен генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, во рамките на истрагата во случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци. Приведен е и Даниел Станчев, сопственик на фирмата „Инвока груп“, од која е набавен софтверот.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Во временскиот период од јануари 2019 година до јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од другите осомничени лица, со умисла извршил три временски поврзани дејства, што претставуваат повеќекратно остварување исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка, наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот“, соопшти Обвинителството.
На 2.1.2020 година првоосомничениот донел одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор, каде што сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен договор за набавка на услуги. Во јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300 денари со вклучен 18 % ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена.
Летото 2019 година првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000 денари со вклучен 18 % ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.
„Со дејствата што ги извршил првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за нив и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на буџетот на РС Македонија во вкупен износ од 11.018.321 денар“, се наведува во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител, ценејќи дека постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство, криење и влијание врз сведоци, за двајцата првоосомничени до судот достави предлог за определување мерка притвор.
За другите осомничени даде предлог на судот да им определи мерки на претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено кај определено службено лице или определен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности, кои се поврзани со кривичното дело, односно забрана за учество во спроведување постапки за јавни набавки.
Следејќи ги повеќедневните написи во медиумите за набавката на софтверот, Обвинителството на 18 март годинава отвори предистражна постапка.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Црна хроника2 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Економија2 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?
- Македонија3 недели
Ѓорчев: Мојот татко е во кома откако се вакцинираше во Ниш