Македонија
Шекеринска: Автопатот Кичево – Охрид со сите девет клучки е во последна фаза, до крајот на 2021 ќе биде комплетно функционален

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска изврши увид во градежните работи на автопатот Кичево – Охрид.
„Претходниве денови слушате многу за автопатот Кичево – Охрид и затоа денеска сум тука за да можеме сите со свои очи да се увериме колку се опасни лагите што ги испраќаат оние што барем на оваа тема би требало постојано да молчат.
Автопатот Кичево – Охрид е ветен, почнат, државата ни е задолжена веќе многу години и по 4-5 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, видовме дека оставиле проект кој е почнат беа документација, без пресметки, без план, меѓутоа единственото нешто што го завршиле било она што го чувме во бомбите, а тоа е договор за 15 до 18 милиони евра провизија.
Провизијата ја зеле, ама проекти и проектна документација не оставиле. Како Влада наследивме обврска што беше почната, но беше почната и поставена на глава. Овој пример, автопатот Кичево – Охрид, е доказ колку е тешко од кал да извадиш нешто што е оставено без проект, без план, без документација и без ред.
Од моментот кога бевме избрани и ја добивме одговорноста, покажавме како е да се работи плански. Обезбедивме целосна документација, ги обезбедивме сите неопходни средства, обезбедивме повторно да се работи на делницата Кичево – Охрид. Ако ВМРО-ДПМНЕ остави проект од Кичево до Охрид да е автопат, без ниту една клучка, успеавме во проектот да се стават 9 клучки, кои ќе обезбедат комуникација на населението што живее помеѓу овие две општини и почнавме со работа на неколку делници, од кои само една можете да ја видите овде.
Според информациите на сите оние што се вклучени во проектот, најголемиот дел од тунелските решенија е завршен, најголемиот дел од тешките точки што не беа проектирани како треба, е завршен и по обезбедувањето на потребната механизација, работници и потребните средства, повторно почна изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Очекуваме овој автопат со целосна инфраструктура со 9 клучки автопат како што личи во секоја нормална држава да биде завршен до крајот на 2021 година.
Ние градиме со план, не градиме на збор, не градиме со провизии. Затоа, граѓаните може тоа да го видат со свои очи. Со свои очи не можеа да го видат она што го градеше ВМРО-ДПМНЕ, но со свои очи можеа да видат како од 15 до 18 милиони евра се дадени за провизија за Груевски и неговата група.
Затоа, наместо да поставуваат прашања за автопатот Кичево – Охрид, овие од ВМРО-ДПМНЕ треба да го повикаат Груевски и да му побараат да ѝ ги врати на државата тие 15-18 милиони евра што ги зеде од овој автопат и го остави неизграден, без тунели и без клучки. На темава ВМРО-ДПМНЕ треба и да молчи и да одговара“, порача Шекеринска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.