Македонија
Шилегов: Минатата недела ние понудивме оставки, не сме разрешени
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска изјави дека тој заедно со другите потпретседатели на СДСМ во текот на минатата недела ги понудиле нивните оставки, а Централниот одбор вчера ги прифатил. Шилегов порача дека треба да се прави разлика помеѓу термините разрешен, сменет и дадена оставка.
„Уште пред почетокот на седницата на Централниот одбор кажав дека нашата задача е по победата на претседателските избори да креираме внатрепартиски политики кои ќе гарантираат таква иста победа на парламентраните избори, со цел во Македонија конечно да ги елиминираме простотилокот, примитивизмот и фашизмот што ги промовира ВМРО ДПМНЕ во изминатите 15 години“, изјави Шилегов.
Тој рече дека оставка даваат луѓе со интегритет, а тие покажале дека имаат политички интегритет кога ги понудиле оставките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ Прилеп: Општинската власт предводена од ДПМНЕ и градоначалникот Јовчески, го претворија Прилеп во град на хаосот и безредието
Неспособноста на општинската власт предводена од ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, го претворија Прилеп во град на хаосот и безредието, реагираат од СДСМ Прилеп.
„Замрзнатите улици, тротоари и јавни површини, од Прилеп направија лизгалиште на отворено. Движењето на пешаците и учесниците во сообраќајот стана пресметан ризик опасен по здравјето и безбедноста на граѓаните.
Зголемениот број пријави на скршеници на екстремитети и други телесни повреди на граѓаните на Прилеп, најдобро сведочат за ненормалните услови за живот во нашиот град.
Градскиот превоз се одвива само на рамните делови од градот, бидејќи автобусите не можат да се искачат и да се движат по неисчистените и замрзнати улици од повисоките зони“.
Додаваат дека заради неисчистените патишта, оневозможен е пристапот до голем дел од населените места во општина Прилеп.
Според СДСМ Прилеп, како капак на се и врв на нестручното и несовесно менаџирање на градот и јавните претпријатија како што велат, вчера се срушил и дел од покривот на затворениот Градски пазар.
„На мизеријата режирана од Јовчески и ДПМНЕ и нема крај. Градоначалниче Борче Јовчески, ако малку го сакаш Прилеп, ако барем малку имаш почит кон своите сограѓани, поднеси итна и неотповиклива оставка. Сега и веднаш, бидејќи секој твој нов ден на чело на градот, значи непоправлива и ненадоместлива штета за Прилеп и прилепчани“, додаваат во реакцијата.
Македонија
Работен појадок на министерот Муцунски со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, одржа работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија во Република Северна Македонија, вклучително и со амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас. Средбата беше дел од редовната пракса за размена на мислења со амбасадорите, со цел информирање за напредокот на реформите и размена на ставови за актуелните прашања во процесот на евроинтеграција на земјата.
На средбата, министерот Муцунски го реафирмираше ставот дека членството на нашата земја во Европската унија претставува клучна стратешка цел на Владата, потврдувајќи ја посветеноста и напорната работа на сите институции. Воедно, тој ги истакна конкретните напори што се преземаат за унапредување на внатрешните реформи, со посебен акцент на владеењето на правото, зајакнувањето на правниот систем, поддршката на независноста на судството, борбата против корупцијата, како и активностите за економски раст, зајакната трговска размена и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Дополнително, тој ги посочи и напорите за продолжување на регионалната соработка и континуираниот ангажман на земјата во делот на унапредување на добрососедските односи.
„Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер и пример во регионот, посветени на градење добрососедски односи и регионална соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно насочен кон спроведување на реформите во клучните области како владеење на правото и правосудството, посветена и неселективна борба против корупцијата, унапредување на ефикасноста на институциите, реформа на јавната администрација и зајакнување на економските капацитети на државата. Ваквата посветеност ќе продолжи и во однос на обврските од Реформската агенда и реализација на целите на Планот за раст како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата и целиот регион кон Европската унија“, истакна тој во обраќањето.
Во овој контекст, тој повика на взаемна одговорност и поддршка од земјите-членки за забрзување на процесот на пристапување на земјата во Европската унија, согласно критериумите за членство, и за спречување на користење на билатералните прашања во преговорите со земјите-кандидати.
„Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандарди и конечен почеток на процесот на преговори преку отворање на првите преговарачки области и поглавја. Заедно со вас, преку редовен дијалог и партнерство, убеден сум дека можеме да ги оствариме овие амбициозни цели“, нагласи тој во обраќањето.
Амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, во своето обраќање говореше за важноста од владеење на правото и спроведување на реформите, за што голем придонес ќе даде реформската агенда. Притоа, тој ја нагласи континуираната поддршка од Унијата во делот на реформите, но и важноста од забрзување на интеграцијата, што според него ќе биде во фокусот на агендата на Унијата во следниот период.
Во рамки на дискусијата, амбасадорите на земјите-членки на Европската унија изразија поддршка за посветеноста на земјата во постигнувањето на поставените приоритети и во напорите за забрзување на процесот на пристапување во Унијата. Амбасадорите ја потврдија и подготвеноста за зајакнување на соработката и заедничката работа во насока на обезбедување натамошен напредок, особено во клучните реформски области.
Македонија
Забрани за камиони на неколку патни правци, сообраќајот се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенцијата на нашите дежурни екипи, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила од превентивни причини има на следниве патни правци, крак Маврово-Дебар, и Струмица – Берово.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.