Македонија
Шилегов: Оваа година без палење стрништа, земјоделците бесплатно ќе го одлагаат отпадот

Град Скопје почнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата, најави градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
„До сега стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци беа палени поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за одлагање на отпадот од бербата независно од тоа што палењето ја уништува плодноста на почвата и создава штетни материи што го загадуваат воздухот и претставуваат опасност за здравјето на сите, а особено на оние што се во близина“, рече Шилегов.
Тој додаде дека палењето стрништа, плевели и други растителни отпадоци ги уништува и микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата – она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Исто така, нагласи дека палењето стрништа и земјоделски површински во временски услови кога имаме високи температури се фактор што има голема улога во појавата на пожари, кои покрај огромната штета што ја нанесуваат на земјоделските култури, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот.
„Во соработка со градските претпријатија, УНДП и „МДЦ-Ти.нет“, спроведуваме кампања за едукација од штетните последици од палењето на стрништата и првпат ќе им понудиме решение на земјоделците за бесплатно одлагање на отпадот од бербата. Во периодот до 30 септември Град Скопјеќе им биде на располагање на сите земјоделци што имаат каков било отпад од берба и со наша помош бесплатно да го отстраниме од полињата како би се спречило негово палење“, рече Шилегов.
Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го одлага во „Дрисла“.
„Апелирам, по пријавувањето, со цел брзо и ефикасно отстранување на отпадот, земјодеците да го одложат отпадот од бербата на локација што ќе биде пристапна за механизацијата. Сите земјоделци што ќе се пријават однапред ќе знаат во кој ден од неделата ќе биде отстранет отпадот. Замолувам, доколку е возможно, покрај податоците, да ни остават и точна локација (на „Вибер“). Сакам да ги потсетам земјоделците дека палењето стрништа е казниво со закон. До сега ваквите палења не беа санкционирани поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за овој вид отпад. Сега нудиме решение што ќе биде ефикасно, а најважно е тоа што нема да претставува дополнителен трошок за граѓаните“, изјави Шилегов.
Тој укажа и дека Градот ќе врши засилени инспекциски контроли на терен и соодветно ќе биде санкционирано секое палење стрништа, плевели и други растителни отпадоци.
Инспекторите на Град Скопје имаат можност да снимаат со дронови, што ќе го скрати времето наменето за обиколување на земјоделските површини, а ќе даде точна локација според имотен лист за имотот на кој се пали растителен отпад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсен кичевец, со секира ги нападнал родителите, таткото починал

Утрово полицијата во Кичево го уапси Е.А. (48) оти со секира ги нападнал родителите и си го убил таткото.
„Околу 07 часот во ПС Кичево од Итната медицинска помош Кичево, било пријавено дека кај нив се јавил Е.А. и кажал дека во семејната куќа во с. Србјани со секира ги нападнал неговите родители. Со возило на Итна медицинска помош двете лица се пренесени во Медицинскиот центар Кичево, каде У.А.(74), татко на сторителот, им подлегнал на повредите а Ф.А.(67), мајка на сторителот, е во неконтактибилна состојба. Е.А. е лишен од слобода и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава“, извести Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Секаде во светот училиштата се користат за учење, а СДС во Струмица ги користи за партиски состаноци, обвини ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Социјадемократслиот сојуз (СДСМ) за партиски состаноци во училиште во Струмица.
„СДС продолжува да докажува како тие ја користат власта, онаму каде што останаа власт. СДС продолжува да докажува дека нема желба за промена, туку дека им одговара терминологијата – „како до сега”.
Во Струмица, каде што градоначалник е Костадин Костадинов, од редовите на СДС и близок човек на Заев, ја искористува општината за партиски цели.
Во општинско училиште во Струмица, партиските структури на СДС си одржуваат состаноци. На фотографии кои се веќе во јавноста, јасно се гледа дека училиштето е специјално отворено во доцните часови, за активисти на СДС да имаат состанок.
Ова е уште еден доказ за лошото владеење на СДС. Ниту сакаат, ниту имаат желба за промена. Ова е вистинското лице на СДС кое за жал ја упропасти државата во минатото.
СДС ја сака власта исклучиво за партиски цели“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Венко демантира поседување виза, Филипче признава дека бојата на визата е златна

Откако пред неколку недели, Венко демантираше дека имал златна виза во Дубаи, Филипче сега веќе си признава дека имал златна виза, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко прво рече дека нема виза, па Филипче рече дека имал виза. Венко рече дека визата му била обична како и на обичен граѓанин, па Филипче призна дека визата била златна. Венко рече дека златната виза не му била поврзана со Дубаи, па Филипче рече дека била за преговарање со болница. И Венко и Филипче, јавно треба да му одговорат на македонскиот народ. Како се добива златна виза за преговори? Зошто визата ја криел? Зошто нема ниту еден доказ за постоење на каква било приватна болница поврзана со него? Во кое својство преговарал – како министер, пратеник, партиски функционер или приватен бизнисмен? Доколку визата не е заради инвестиции, тогаш за што е? И што точно е ставено на „стенд бај“ – некоја болница или нечија совест?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека македонското здравство тонеше, според ВМРО-ДПМНЕ, Венко Филипче во Дубаи преговарал за „приватни’’ потреби.