Македонија
Јанакиески ќе бара да биде додаден во листата на оштетени во предметот „Таргет-Тврдина“
Миле Јанакиески ќе достави барање до Кривичниот суд за да биде додаден во листата на оштетени во предметот „Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушување во периодот меѓу 2008 и 2015 година, каде што обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како и лица вработени во УБК. На овој начин Јанакиески се приклучува кон прогонот на обвинетите во случајот. За него, во СЈО има над 80.000 снимки во кои се слуша како разговара со разни луѓе, а некои се и јавно објавени на прес-конференциите што ги одржуваше СДСМ.
„Многу логично е тој да биде еден од првите што е во тој предмет оштетен бидејќи Миле Јанакиески е во 90 отсто од материјалите што се предадени во СЈО“, вели кусо адвокатот Еленко Миланов за „Макфакс“.
Освен Јанакиески, барање до судот за да биде оштетена во процесот поднела и Гордана Јанкулоска преку своите бранители.
„Сè додека е доказна постапка, може да се поднесе барање за оштетени во постапката. Обвинета сум во предметот ‘Тврдина’, а барањето е за предметот ‘Таргет’“, вели кусо Јанкулоска за „Макфакс“.
Судскиот процес го води судијата Џенета Бегтовиќ, а обвинението е застапено од обвинителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.
Судењето по предметот „Таргет-Тврдина“ е почнато на 22 декември 2017 година и се наоѓа во фаза на доказна постапка.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Митева: Јакимовски да објасни како е можно, за една година, со неговото семејство да станат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, Жданец
„Како е возможно, за период од една календарска година, градоначалникот Јакимовски да се најде во ситуација каде со неговото семејство стануваат сопственици на две градежни парцели во најелитниот дел на Карпош, во местото Жданец, токму таму каде што и тој лично живее? Јавноста има право да знае од каде и со кои финансиски средства се обезбедени ваквите имоти во најскапата урбана зона на Скопје“, истакна на прес-конференција Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително Митева го праша Јакимовски како е можно парцели кои, според претходниот Детален урбанистички план, биле означени како зеленило, по нивната купопродажба од страна на семејството Јакимовски магично да станат градежно земјиште, и тоа, како што појасни со урбанистичка маркица која веќе е вцртана во планот.
„Дали за овие парцели, кои од зеленило станале градежно земјиште, е поднесено барање за техничка градежна документација? Доколку да, кој го поднел тоа барање, кога, и до каде е постапката?
Дополнително, прашуваме дали е вистина дека во изминатата година, покрај домашните парцели, семејството Јакимовски се стекнало и со вила во едно од туристичките места во Грција?
Време е прашањата да добијат одговори.
Време е да се утврди дали во Карпош владее јавен или приватен интерес и како се успева да се заработи толку за купување на сите овие недвижности што се напоменати претходно“.
Македонија
Минчев: Цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Штип ја отвори третата серија од генеричките обуки за административните службеници, кои овој пат ги опфаќаат институциите од источниот регион на државата.
Со ова, Министерството за јавна администрација, како што додаваат од таму, ја продолжува агендата за професионализација на јавната администрација, откако веќе се реализирани две серии на обуки во кои повеќе од осумстотини јавни службеници од различни институции низ земјата стекнаа нови знаења и вештини за поефикасно и современо работење.
Во таа насока, Минчев истакна дека државата не се гради само преку закони, туку преку институциите што ги имплементираат и луѓето што ги спроведуваат тие закони.
„Јас цврсто верувам дека државата не е силна по бројот на закони, туку по силата на луѓето што ги спроведуваат тие закони. И водени од тоа, нашата цел како Министерство е јасна, да создадеме администрација со луѓе кои се компетентни, мотивирани, кои ја чувствуваат својата работа како јавна мисија, а не само како работно место.“ – рече министерот.
Тој потенцира дека реформите во јавната администрација се процес полн со предизвици и отпор, но дека секоја обука, секое вложување во образование и развој е доказ дека Македонија се менува:
„Во секој реформски процес има предизвици, има отпори, има скепса. Но јас верувам дека токму овие моменти, кога сите заедно вложуваме во обуки, во образование, во подобрување на системот, се доказ дека Македонија се менува.“
Министерот нагласи дека вистинската промена не се случува преку ноќ, туку преку луѓето:
„Јас често велам – државата не се менува преку ноќ, туку преку луѓе. А овде гледам токму такви луѓе – луѓе што веруваат дека Македонија може подобро, дека институциите можат поефикасно, дека јавниот интерес вреди повеќе од личниот. Тоа е најсилната порака што ја испраќаме денес.“ – истакна Минчев, потенцирајќи дека Македонија има историска шанса да стане држава со современа, европска и човечка администрација.
„Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на развојот на компетентни и мотивирани јавни службеници, кои ќе ја обликуваат иднината на државата и ќе ја градат довербата на граѓаните во институциите“.
Македонија
Општина Карпош: Сите училишта во општината имаат фотоволтаични системи
Општина Карпош ги опреми десетте основни училишта на своја територија, со фотоволтаични централи кои произведуваат електрична енергија за свои потреби, соопштија од таму.
„Локалната самоуправа ја реализираше оваа иницијатива, откако претходно ја реновираше и кровната конструкција на сите училишни установи. Во случајов, училиштата и детските градинки во Карпош се енергетски ефикасни објекти, со оглед на тоа што истите имаат поставено термичка изолација, прозорци со трослојно стакло, а некои од нив се загреваат на системи од обновливи извори на енергија.
Општина Карпош е првата локална самоуправа во Македонија која постави хибридни колектори на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, кои служат за производство на електрична енергија и топла вода. Поточно, овие колектори произведуваат струја со моќност од 3,2 kw, а преку искористување на сончевата енергија се произведуваат и 300 литри санитарна топла вода, која се користи за потребите на кујната на оваа детска установа“.
Според планираната динамика, како што најавуваат, Општината ќе ги опреми и останатите детски градинки, кои заедно со основните училишта ќе бидат енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции.

