Македонија
Џафери не кажа дали е подготвен да оди во опозиција: Тоа е прашање што зависи од исходот на преговорите за состав на нова влада
По отчетот за 100-те дена техничка Влада, техничкиот премиер Талат Џафери вели дека е фокусиран на обврските од сегашната Влада, чиј мандат сѐ уште трае. На новинарско прашање дали е подготвен да оди во опозиција со оглед на неколкуте изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со Демократската унија за интеграција, Џафери не даде конкретен одговор.
„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада“, рече техничкиот премиер Џафери.
Немаше конкретен одговор ниту на прашањето дали граѓаните треба да очекуваат тој да добие уште еден мандат како премиер оти неговата матична партија е дел од коалицијата што освои 19 пратенички мандати.
„Јас сум фокусиран на обврските на составот на Владата што ја водам, впрочем мандатот на оваа Влада е до изборот на нова. Работата на конфигурацијата на новата влада е работа на преговори на политичките субјекти што добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај. За тоа прашање треба да се очекува резултат од таму“, рече Џафери.
На парламентарните избори во средата коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ освои 19 мандати, а нивниот опонент во албанскиот блок, коалицијата „Влен“, доби 13 мандати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, која освои 58 мандати во Собранието, по изборите, рече дека преговара со „Влен“ за состав на новата влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.
Македонија
Мицкоски: Над 160 проекти се предвидени во образованата инфраструктурa
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во текот на посетата на Кратово и реновираната спортска сала, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали оваа година ќе има инвестиции во образовната инфраструктура, изјави дека се предвидени повеќе од 160 проекти во областа на образованието.
„Па да. Впрочем, и овој објект е дел од тие инвестиции, би рекол. Инаку, повеќе од 160–170 проекти ширум државата се предвидени за инвестирање во делот на образованието, училишта, студентски домови, итн, нешто што претставува императив за оваа Влада“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието и дека продолжуваат со нови инвестирања во оваа област.
„Инаку чисто за да споменам, последно што го разгледувавме, беше дека за година и половина, повеќе од 65 милиони евра се инвестирани во образованието, а од тие некаде околу 56–57 милиони се дел од програмата АА. Така што образованието е еден од нашите главни приоритети како Влада. Продолжуваме и понатаму да инвестираме, бидејќи без квалитетно и добро образование нема иднина“, изјави тој.
Македонија
Mицкоски очекува добри вести во наредните денови од САД
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува наскоро добри вести за македонските граѓани од САД.
Тој појасни дека суспендирањето на визите за 75 земји, меѓу кои и Македонија, не ги опфаќа визите за потребите на студирањето и туристичките посети, туку само оние кои се однесуваат на имиграција.
„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за ваквов тип на односи помеѓу нашиот стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Во таа насока изрази и разочараност од однесувањето на опозицијата.
„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон Обединетото Кралство, тоа го прави сега и со САД. Неодамна кога беа наметнати оние трговски тарифи од 30 до 35 отсто, истите тие кои јас ги нареков талог на општеството во политиката поитаа да го навредуваат САД, а ги немаше да се извинуваат кога стапката се намали на 15 проценти“, рече премиерот.
Мицкоски очекува позитивен исход.
„Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам добри вести“, додаде.

