Македонија
Агенцијата за заштита на личните податоци: Ако се врши само визуелна проверка на сертификатите, нема повреда на законот
Ако се врши само визуелна проверка на сертификатите за вакцинација при влез во угостителски објект, семинар, веселба, културен или спортски настан, нема повреда на Законот за заштита на личните податоци и следствено не претставува злоупотреба на личните податоци, велат од Агенцијата за заштита на личните податоци.
„Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци во согласност со законот се смета секоја операција или збир на операции што се извршуваат врз личните податоци или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување. Оттука, известуваме дека ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат личните податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци“, се наведува во соопштението.
Имајќи го предвид погоре наведеното, а со оглед дека со донесената одлука произлегува дека доколку при реализацијата на оваа одлука се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот по принципот „приложил“ или „не приложил“ потврда, велат од Агенцијата, таквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и следствено не би претставувала злоупотреба на личните податоци.
Владата донесе одлука со која, меѓу другото, се забранува влез во секаков објект, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни посетители/гости/лица за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан), без поседување и приложување потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза вакцина, почнувајќи од 16 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засега мирен изборен ден и за обвинителствата, Бајрами чека кривични пријави по сомнежите за изборен поткуп во Охрид и Крива Паланка
Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа на парламентарните и вториот круг од изборите за претседател, до овој момент поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, рече Џељаљ Бајрами, претседател на Комсијата на обвинителството за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите. Од почетокот на гласањето утрово, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.
„Во текот на вчерашниот ден, веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното лице веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време, ОЈО Велес веќе презема дејствија за проверка на наводите кои се однесуваат на изборен поткуп. Исто така, известувања за сомненија за поткуп на гласачи беа примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејствија на проверки“, вели обвинителот Бајрами.
Поради малиот број настани кои би можеле да имаат обележја на кривично дело, Бајрами цени дека може да се даде генерална оценка дека целиот изборен процес, до овој момент, минува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес Електронска адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите. И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а координации се прават и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
(Видео) МВР: Изборниот ден тече мирно со регистрирани помали инциденти
До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.
„Од отворањето на гласачките места до 11.00 часот регистрираме две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за залепени плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје и се преземааат мерки за расчистување на случаите. Исто така, имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземени мерки од страна на полициските службеници, тие наводи до сега не се потврдени“, соопшти Ангеловски.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните и до учесниците во изборите и во останатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица.
Македонија
Со УВ-ламба и спреј ќе продолжи гласањето на некои избирачки места во Кочани, Охрид и Куманово
На едно избирачко место во Кочани, едно во Охрид и едно во Куманово, каде што утрово беа пријавени технички проблеми со биометриските уреди, гласањето ќе продолжи со УВ-ламба и спреј. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, рече дека на сите други места гласањето тече без проблеми.
„Што се однесува до избирачките места кои ова утро имаа проблеми со користење на техничките апарати, во три избирачки места се отстранети, а во три ќе се продолжи со гласање со УВ-ламба и спреј. Тоа се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид и 1100 во Куманово. Само на тие места ќе се гласа на стариот начин бидејќи на сите други места гласањето е во ред“, рече претседателот Даштевски.
Технички проблеми со биометриските уреди утрово беа пријавени и на гласачки места во Тетово и Гази Баба.
До 11 часот во ДИК стигнале 164 приговори за лично избирачко право. Од нив, 50 се усвоени и на гласачите им е овозможено да го остварат правото на глас, седум приговори се отфрлени како неуредни, а девет приговори се одбиени. Другите сѐ уште се во обработка.