Македонија
Адеми во Брисел: Интеграција на националниот образовен систем во европскиот простор
Министерот за образование и наука Арбер Адеми учествува на седмиот министерски состанок кој денес и утре се одржува во Брисел, а го организира Европската комисија во рамки на Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан.
На првиот ден од состанокот, Адеми се обрати на панел дискусијата посветена на предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан во областа на науката и истражувањето, на која истакна дека Владата е свесна дека најдобра алтернатива за општествено – економски напредок, освен во образованието се и вложувањата во науката, истражувањето и иновациите и токму затоа, преземени се бројни активности и започнати се низа проекти кои на среден и долг рок треба да обезбедат напредок на овие сфери.
Меѓу другото, тој се осврна и на новата Стратегија за образование на земјата за периодот до 2025 година, за која како што рече е значаен стратешки документ кој значително ќе помогне во остварувањето на приоритетната владина цел, а тоа е интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор. Потенцираше дека Стратегијата е изработена и ќе се реализира заедно со сите засегнати страни, што според него, претставува гаранција за ефикасност и ефективност.
Подетално по однос на активностите кои произлегуваат од Стратегијата ќе се произнесе во текот на утрешниот ден, за кога се предвидени и панел дискусии посветени на предизвиците и политиките за развој на основното, средното и високото образование во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот состанок присуствуваат и високи претставници на Европската комисија и Генералниот директорат за образование и култура, Директоратот за проширување како и министрите и високи претставници на министерствата за образование на Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
Платформата за образование и обука на земјите од Западен Балкан е создадена во 2012 година и има за цел да иницира поголема соработка помеѓу институциите на системот во сите земји од регионот, со цел да се разменуваат позитивни примери и искуства, да бидат детектирани образовните предизвици и да се обезбеди заеднички пристап за нивно надминување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трет состанок на политички директори во рамките на претседавањето со ПСЈИЕ
Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.
На состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамките на нашето претседавање со ПСЈИЕ.
Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 – јуни 2024 година со мотото „Премостување поделби, градење доверба“.
Македонија
„Премиерот од Форино, ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи“, велат од Град Скопје
На денешната прес-конференција во Владат6а, в.д. премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ било да се грижат за зеленилото во Владата, реагираат од Град Скопје.
„Талат Џафери, ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од в.д. премиерот од Форино, кој кога излегува од дома до Владата ги гаси попатно сите семафори и прави хаос во градот, не е ни очекувано дека би требало да знае која е неговата обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува.
ЈП „Паркови и зеленило“ ги одржува градските булевари и парковни површини, кои се надлежност на претпријатието во согласност со законот, а ако сака в.д. премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Владата, за тоа треба да си склучи договор, исто како и секоја друга институција во Македонија“, се наведува во реакцијата на Град Скопје.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата што ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Скопје
Посебен режим на сообраќај в недела во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека на 12.5.2024 (недела) од 8.30 до 10.30 часот, поради одржување улична трка, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај, и тоа на сообраќајниците по кои ќе се движат натпреварувачите, кои имаат стартна позиција на булеварот Илинден – локација Фонтана, ќе се движат по булеварот Илинден до крстосницата со улицата Никола Парапунов, потоа до крстосницата со булеварот Партизански одреди, десно (кон населбата Ѓорче Петров) до мостот „Влајко“, каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со улицата Љубљанска, каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на улицата Никола Парапунов и по булеварот Илинден до целта на локација Фонтана на булеварот Илинден.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.