Македонија
Андоновски до потписот не знаел дека компанијата што добила два тендера во неговото министерство е на сопругот на државната секретарка
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски не ги поништил тендерите за набавка со компанијата сопственост на сопругот на државната секретарка во Министерството за да не ја изложи институцијата на судски постапки. Денес, на прес-конференција, по последните обвинувања од СДСМ, рече дека до потписот не знаел чија е компанијата, но поради презимето истражил.
„До потписот јас не знаев дека постои ваква фирма, но поради презимето, истражив и бев ставен во една ситуација, доколку ја поништам постапката, го ставам Министерството на трошок да се спроведуваат против нас судски постапки, кои биле пракса во минатото, и да плаќаме пенали затоа што фирмата ги исполнува сите законски услови и нема ниедна законска пречка зашто таква фирма не треба да учествува на јавна набавка. Уставно право на секој граѓанин е да учествува во првниот промет. Ние сите потпишуваме изјави за судир на интереси и во овој случај ниту дел од мојата изјава за судир на интереси или изјавата за судир на интереси на вработените што учествувале во постапката не е прекршена“, рече министерот Андоновски.
Иако истражил чија е компанијата, Андоновски нагласи дека како министер нема законска можност или простор за истражување на контактите на секој од 150 вработени во Министерството и нивниот однос со приватни компании.
Државната секретарка Андоновски вели дека не учествува во ниедна фаза од постапките за јавна набавка, па од тука нема судир на интерес, но ги повика институциите да истражат.
Објасни дека не го оштетил, туку му заштедил да Министерството со изборот на компанијата.
„Лага број еден на СДСМ е дека договорот е на сума од 2,5 милиона денари.
Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е речиси 40 % поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин заштедени се приближно еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направената анализа направени се заштеди од 10 до 45 % од производ во споредба со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект што СДСМ го блокира, е мала, од 500 илјади денари, во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните до 40 %“, објасни министерот Андоновски.
Тој најави тужба за клевета против СДСМ доколку не му се извинат за сите напади изминативе недели.
„На крајот, дозволете да кажам нешто лично. СДСМ со недели не престанува да ме навредува, омаловажува, лаже за мене и за моето семејство. Ги повикувам за изнесените невистини и лаги и на денешната прес-конференција да се извинат. Во спротивно, ги задржувам правото и можноста да побарам нивна одговорност за навреда и клевета пред судовите во Македонија. Тоа не го направив досега, но веќе со тенденциозноста на нападите ме предизвикуваат да го направам“, рече министерот Андоновски.
СДСМ денес обвини дека во Министерството со кое раководи Андоновски, а државна секретарка е Гордана Клинчарова, тендери добива нејзиниот сопруг Мартин Клинчаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

