Македонија
Арсовски: Заев го контролирал правосудството – рекетирал и одлучувал чиј пасош ќе враќа Катица Јанева
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната прес-конференција истакна дека Зоран Заев како премиер на Република Македонија управувал и ги контролирал судството и Обвинителството.
Според Арсовски, Зоран Заев бил на чело на рекет-пирамидата, која, како што рече, трета година веќе се обидува да ја покрие, но залудно.
„Зоран Заев давал насоки за тоа чиј пасош Катица Јанева да врати. Ова не се тврдења на ВМРО-ДПМНЕ, туку СВЕДОШТВА и тврдења на таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски. И по 2 години, случајот ‘Рекет’ ја бранува јавноста и тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ од пред 2 години сѐ повеќе излегуваат на површина како точни и вистинити. И тогаш и сега, ние и јавноста сме убедени дека главата на рекетот е лично Зоран Заев. Ова сѐ повеќе излегува на површина по сведочењата преку писмата испратени од Бојан Јовановски, како и сведочењата во интервјуто на татко му Миле Јовановски, инаку двајцата обвинети во случајот со Меѓународниот сојуз, како што велат обвинети за да се заштити Зоран Заев од сопствениот криминал“, потенцира Арсовски.
Јавноста, вели тој, следејќи го интервјуто на таткото на Бојан Јовановски, може многу лесно да заклучи дека Зоран Заев е тој што е вмешан во целиот процес.
„И дека тој барал враќање пасоши кај Катица Јанева, односно дека, најверојатно, свесно поведувале обвиненија за одредени луѓе за подоцна да може од нив да изнудат одредени материјални работи, во случајот милиони, и да тргуваат со влијание. Тоа се видело и во одредени комуникации помеѓу Заев и Катица Јанева за што Обвинителството сѐ уште молчи, а тоа беше јавно кажано во интервјуто. Неколкупати јавноста можеше да чуе од интервјуто како фунцкионира правосудството во Република Македонија, каде што лично Зоран Заев бил вмешан и одлучувал и контролирал во судските постапки командувајќи ги правосудните органи како да одлучуваат. Неговите раце биле директно врз правосудството“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Уште една интересна работа, а што ја занемарува и Обвинителството, како што појасни Арсовски, е дека Зоран Заев знаел однапред за рекетот што бил пријавуван, но молчел и првпат за рекетот разговарал во април по негово интервју. Тоа, според него, јасно покажува дека Заев бил запознаен со целиот рекет, а јавноста за рекетот дознала по неколку месеци, каде што бил вмешан заедно со брат му.
„За да бил мафијашкиот филм на власта уште поголем, се заканувале дека ќе убиваат луѓе од обвинетите за да не ја говорат јавно вистината. Дали Обвинителството, конечно, ќе отвори случај и за Зоран Заев и за брат му за на крајот да излезе вистината на виделина? До кога Обвинителството ќе ги штити главните виновници во случајот ‘Рекет’, кои практично се главата на октоподот наречен ‘Рекет’?“, прашува Арсовски.
Ова е случај, кој, како што смета, останал правно нерасчистен затоа што главните рекетари не се на обвинителната клупа, а јавноста веќе го има впечатокот кои се тие, додаде Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

