Македонија
АСОМ до пратениците: Имајте слух за нашите барања, заштитете ги граѓаните што ви ја дадоа својата доверба
Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија (АСОМ), во која членуваат над 95 проценти од лиценцираните приредувачи на игри на среќа, во обложувачница испрати писмо до пратениците од Комисијата за европски прашања, во кое бара тие да кажат „Стоп“ на неевропскиот и неуставен предлог-закон за игри на среќа и да го заштитат сопствениот народ.
„Предупредуваме дека овој закон ќе донесе катастрофални последици за целото општество со тоа што повеќе од 10.000 директно вработени и 54.000 индиректни работници ќе останат без приход и работа. Станува збор за ваши сограѓани, чија поддршка во изборниот процес сите ја баравте ветувајќи подобри услови за живеење во нашата земја. Сега овие луѓе што плаќаат кредити ја планираат својата иднина и иднината на своите деца, ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза“, истакнува АСОМ.
Во писмото асоцијацијата посочува дека новите предлог-измени ќе предизвикаат непоправливи економски штети за целата држава бидејќи ќе придонесат за затворање на една важна индустрија, која во буџетот годишно носи прилив над 280 милиони евра. Се истакнува дека апсолутно се неприфатливи предлог-измените, кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на интернет за лиценцираните приредувачи, како и зголемување на давачките и надоместоците.
„Веруваме дека и самите вие сте свесни дека местото на овој закон не е во Комисијата за европски прашања и дека се прави сè овој неевропски закон насила да се истурка. Дека нашиот став е издржан и правилен, укажува и фактот што вие како Комисија за европски прашања при Собранието на РСМ во заклучокот од одржаната седница по предлог-текстот на законот му укажувате на Собранието особено да го оцени аспектот за усогласеноста со ЕУ-легислативата“, потенцираат од АСОМ.
Додаваат дека Собранието на РСМ нема преземено обврска за усогласување со препораките на ЕУ, па од таа причина означувањето на предлог-текстот на законот со ЕУ-знаменце е со целосна спротивност и со усвоените акти на Собранието за преземената обврската за усогласување со ЕУ-легислативата.
„Ве повикуваме вас како Комисија за европски прашања да ги заштитите граѓаните на оваа земја и да го отфрлите овој закон, кој е фатален, кој ја стимулира сивата економија и поттикнува криминални активности, што се покажа како пример во нашето соседство. Живееме во демократска земја во која на недемократски начин насилно се турка предлог-законот, кој е создаден без дебата и без консултација со претставниците на игри на среќа, далеку од очите на јавноста, без да се земе предвид мислењето на експертите и познавачите на индустријата. Немојте да бидете дел од овој заговор и немојте да поднесете одговорност за донесувањето закон, кој не е во корист на нашата земја“, велат од АСОМ.
Во писмото Асоцијацијата предупредува дека овој закон веднаш штом ќе стапи во сила ќе донесе катастрофални последици за вработените во индустријата на игри на среќа и ги повикува пратениците да не бидат заложници на нечии интереси, да реагираат на време и да ги заштитат граѓаните што им ја доделиле сопствената доверба.
„Во повеќе наврати повторивме дека бараме итно повлекување на законот, формирање заедничка работна група од експерти, претставници на индустријата и на Владата за носење нов европски и функционален закон, но наидовме на молк“, истакнуваат од АСОМ.
АСОМ во писмото посочува дека нивен интерес е самата индустрија да напредува, играчите и малолетниците да се заштитени и едуцирани, а легислативата да се европеизира.
„Апелираме до вас да имате слух за нашите барања и вашата одлука во врска со овој закон да ја донесете врз база на факти раководејќи се од поривот да направите добро за граѓаните што ги претставувате, а не да работите во корист на скриени владини интереси“.
Асоцијацијата во писмото потсети на нивниот предупредувачки собир пред Собранието преку кој, како што велат, се покажува колку се сериозни во своите намери да се спречи носењето на штетниот предлог-закон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

