Македонија
Бачев: Русија не ни заби нож во грб, туку Иванов
Признавањето на новото уставно име од страна на Русија не е ништо невообичаено. Русија не ни заби нож во грб, Русија ги почитува одлуките и политиките на самите држави, а политиката на оваа власт е сојужништво со НАТО и ЕУ, вели за „Макфакс“ лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, по вчерашното признавање на новото уставно име, Северна Република Македонија, од страна на Русија.
Според Бачев, главна причина поради која Русија ја призна Македонија под новото уставно име е тоа што претседателот Иванов не го актуелизирал проблемот со името во Обединетите нации, како и недоволната ангажираност на самите граѓани против промена на уставното име.
„Ѓорге Иванов се плаши да го актуелизира прашањето во ОН. Русија не ѝ го сврте грбот на Македонија. Русија си ја цени својата политика, своите интереси, ние како Македонци не сме спремни сами да ги браниме нашите интереси, не видовме позначајни протести кои ќе ја спречат промената на името. Никој не треба да биде позагрижен за националните интереси колку сопствените граѓани, разочарување е и Иванов, кој беше молен од Русија да го актуелизира прашањето во ОН, но не го стори тоа“, вели Бачев.
Лидерот на Единствена Македонија истакна и дека во изминатиот период „прозападните“ медиумите намерно спинувале дека Русија со пушки и тенкови е подготвена да го брани името на РМ е со цел потоа да дојде до разочараност кај граѓаните дека Русија ѝ забила нож во грб на Македонија.
„За разлика од Америка, Русија не игра насилно туку го почитува меѓународното право. Признавањето на новото име е изненадувачки за обичниот народ бидејќи се створија преголеми очекувања, поради лажната надеж. Таа пропаганда успеа да ја оцрни и нашата идеја. Ние не сме руска, туку македонска партија која се бори за македонските интереси. Сакавме да покажеме дека во светот има други модели и дека не се завршува сè во Брисел и Вашингтон. Има други организации кои не нèнегираат. Како партија остануваме на нашите ставови, а тоа е стратешко партнерство со Русија“, рече Бачев.
Тој ги повика граѓаните на следните парламентарни избори да ја дадат поддршката за неговата партија ветувајќи дека доколку дојде на власт, веднаш ќе упати писмо до Москва за подобрување на односите бидејќи, како што вели, Русија тоа го очекува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

