Македонија
Без струја делови на Ѓорче Петров, Сопиште и Карпош

Од „ЕВН Македонија“ АД информираат дека утре се планирани следните технички зафати во електросистемот и без електрична енергија ќе останат:
во периодот од 9:00 до 14:30 часот, с. Волково, дел од ул. „3“, ул. „95“, ул. „100“ објект „Ажур“ и околина, ул. „101“ и ул. „103“ (општина Ѓорче Петров),
во периодот од 9:00 до 11:00 часот дел од с. Горно Соње (м.в.Под Брег) (општина Сопиште), и,
во периодот од 9:00 до 15:00 часот дел од ул. „Мирка Гинова“ (општина Карпош).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Момчето херој Јован Костадинов во посета на Бигорски манастир

Јован Костадинов, момчето кое спаси 21 живот од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, е во посета на Бигорскиот манастир.
Во објава на Фејсбук стои дека Јован не е само херој на Кочани, туку е „херој на целата наша држава Македонија”.
-Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи едно дете со големо срце, се наведува во објавата.
Македонија
Дирекцијата за ТИРЗ меѓу високо рангираните институции во најновиот извештај за примената на системот за интегритет за 2024 година

Како државна институција – потписник на политиката за интегритет, според Извештајот за имплементација на интегритет изработен од Државната Комисија за Спречување Корупција, Дирекцијата за Технолошки Индустриски Развојни Зони се најде на 15 место на ранг листата од вкупно 50 институции, со 61.1% на исполнетост на системот за интегритет.
Мониторингот опфати 72 институции од централната власт, 72 единици на локалната самоуправа и 16 институции од правосудниот сектор. Постигнатиот резултат претставува значителен раст за ниво погоре, од „просечно“ ниво – на „добро“ ниво, во однос на 2023 година, кога процентот на исполнетост изнесуваше 39.2%.
Сето ова се должи на бројни активности кои беа преземени, како донесување на: Упатство за спречување судир на интереси, Упатство за постапување со подароци и гостопримства, Етички кодекс, Правилник за изменување и дополнување на правилникот за користење и управување со службени возила, како и Упатство за изменување и дополнување на упатството за реализирање на службени патувања. Исто така, беа спроведени и обуки за спречување на корупција и системот за интегритет.
Интегритетот е клучен фактор во градењето на силни институции и стекнувањето доверба кај граѓаните. Системот за интегритет како стратешки механизам за превенција од корупција и унапредување на транспарентноста, обезбедува усогласено спроведување на законите, етичките кодекси и политиките, создавајќи јасна рамка и функционални механизми за нивна примена и заштита.
Како институција, Дирекцијата продолжува и понатаму да работи кон подобрување и сеопфатна имплементација на системот за интегритет. Овој резултат е потврда за заложбите кон законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работата, чувајќи го угледот и елиминирајќи ги ризиците и сомневањата во можноста од настанување и развој на корупција.
Македонија
ДУИ: Зошто владата ја крие вистината за врските на агенцијата што го обезбедувала „Пулс“ – „Рубикон“?

Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара целосна транспарентност од владата и Министерството за внатрешни работи во врска со активностите и одговорноста на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ во трагичната ноќ во Кочани.
„Оваа агенција, блиска до владејачката партија, била одговорна за безбедноста на кабарето во Кочани во ноќта кога се случи трагедијата што одзеде 59 невини животи. Затоа, владата има обврска да му даде на јавноста јасни одговори: Кои се другите клиенти на „Рубикон“? Дали имале регуларни безбедносни договори и лиценцирани обезбедувачи? Дали МВР некогаш извршило инспекција или контрола врз оваа агенција? Дали оваа компанија се штити поради нејзините врски со власта? Дали е вистина дека агенцијата уценува компании да ја ангажираат, повикувајќи се на нејзината блиска поврзаност со високи партиски авторитети? Наместо да ја користи правдата за да ги напаѓа политичките противници, владата треба да преземе одговорност за своите неуспеси и за оние кои навистина се одговорни за оваа трагедија. ДУИ бара целосна, непристрасна и праведна истрага за овој случај, како и одговорност од сите кои дозволиле да се случи ваква ситуација. Граѓаните ја заслужуваат вистината, а не политички игри и прикривање на скандали“, пишува во партиското соопштение.