Македонија
Битиќи на Преспа форум дијалог: Договорот од Преспа ги урна бариерите, создаде позитивна траекторија за економски развој
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, имаше воведно обраќање на панел дискусијата „Трасирање на патот кон просперитет: EcoFin стратегии за раст на Западен Балкан“, во рамките на Преспа форумот за дијалог 2023.
„Важно е да потсетиме дека во изолација нема просперитет, има само алчност и тврдоглавост. Токму поради тоа што го направивме пред пет години, денес сме собрани овде на овој Преспански Форум за дијалог за да славиме, но и да се потсетиме на постулатите за напредок и просперитет.
Договорот од Преспа отвори ново поглавје во регионот, отворајќи го патот кон просперитет и стабилност. Покрај унапредувањето на дипломатските односи и соработката меѓу Грција и Северна Македонија, го поттикна и економскиот раст и промовираше прекугранични иницијативи меѓу двете земји. Понатаму, договорот од Преспа имаше домино ефект и во поширокиот балкански регион“, рече Битиќи.
Според него договорот од Преспа го отворил патот кон просперитетот со отстранување на бариерите, поттикнување на соработката и инспирација на другите народи.
„Создаде позитивна траекторија за економски развој, политичка стабилност и регионална интеграција, носејќи трајни придобивки за Грција, Северна Македонија но и за целиот регион на Западен Балкан, додаде Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

