Македонија
(Видео) Богдaновиќ: Не се откажуваме од мораториумот и по одлуката на Уставен суд
Во Општина центар се изненадени и разочарани од одлуката на Уставниот суд за времено укинување на мораториумот за градење. Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека нема да се откажат од мораториумот и нема да дозволат градбата да продолжи пред да се направат измени на спорните планови.
„Не можеме да изречеме повторно мерка мораториум оти во тој случај ќе треба да се распушти советот поради непочитување на Уставен суд, но разгледуваме други правни можности кои ни стојат на располагање за да се спречи градењето во Центар“ рече Богадоновиќ.
Според него не треба да се коментираат одлуките на уставен суд, но вели дека во дискусијата судиите укажуваат дека детален урбанистички план може да се замени само со нов детален урбанистички план, а тоа е токму она што го прави општина Центар во моментов.
Богдановиќ нагласи дека при крај е подготовката на поголем дел од деталните урбанистички планови. Тој тврди дека нема да дозволи да се издаваат одобренија за градење по одлуката на Уставниот суд.
„Со правниот тим од општината работиме на ново решение во моментов не можам да го соопштам, но јавноста навреме ќе биде информирана. Во оној момент кога официјално ќе ја добиеме одлуката од Уставен суд, ќе ги соопштиме нашите следни чекори“ рече градоначалникот Богадонивиќ, кој за одлуката на Уставниот суд засега се информирал само од медиумите.
Укинувањето на мораториумот ќе ја обврзе општина Центар, доколку не се преземат нови правни мерки, да издава одобренија за градење по плановите за кои има низа забелешки. Богдановиќ рече дека година ипол ги ревидираат криминалните планови од претходната власт. Тој рече дека сите планови ќе бидат подготвени во принцип на веќе изработените планови „Ново Маало“ и „Мирче Мацан“, каде се избришани згради и хотел, а нацртани се паркови.
Градоначалникот Богдановиќ апелираше Уставниот суд да ја преиспита одлуката за времената мерка, а коморите да го повлечат барањето.
Уставниот суд ја донесе одлуката по иницијатива на Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Градежните комори подолго време на јавни настани истакнуваа дека мораториумот во Центар му носи голема штета на градежниот бизнис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

