Македонија
Борел: Државата да не се враќа назад, да се создадат услови за усвојување на уставните амандмани
Денеска, во Владата прес-конференција одржа премиерот Димитар Ковачевски заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, и со комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељ.
„Можам целосно и одговорно да кажам дека имаме целосна поддршка од Европската Унија, со недвосмислена посветеност за успех во нашиот следен исчекор во процесот на европските интеграции, за динамичен преговарачки процес и членство во Европската Унија. Имаме уверување од Европската Унија дека ќе го интензивира својот ангажман на сите нивоа за поддршка на политичката, економската и социјалната трансформација на Северна Македонија“, соопшти Ковачевски.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, на прес-конференцијата рече дека иднината на Република Северна Македонија е во Европската Унија, дека е клучно е да државата да не се враќа назад, туку да се продолжи со усвојувањето на реформите, како и да се создадат услови да се усвојат уставните амандмани. Потребно е сите политички партии да ги преземат своите обврски и искрено да работат во оваа насока, порача Борел.
Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељ, нагласи дека за Европската Унија е важно да има сигурни сојузници, како што е Република Северна Македонија, и се придружи на пораката дека местото на нашата држава е во Унијата. Од наша страна, ние сме подготвени, ни треба Северна Македонија, рече еврокомесарот Вархељ нагласувајќи дека како од Владата така и во парламентот денеска очекуваат да слушнат дека нема нешто што ги кочи неопходните реформи за пристап на нашата држава во Европската Унија.
Во одговорите на новинарски прашања премиерот Ковачевски посочи дека ваквите стратешки прашања, како што се евроинтеграциите, не смее да се дел од дневната политика за да се овозможи членството на Северна Македонија во Европската Унија. Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Борел, оцени дека Република Северна Македонија веќе е мултиетничка држава и измената на Уставот само ќе ги унапреди уставните права, а со тоа и ќе се зачува идентитетот и ќе се продолжи напред по евроинтеграцискиот пат.
Прес-конференцијата на премиерот Ковачевски со високите европски претставници Борел и Вархељ се одржа по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација денеска во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

