Македонија
Васев за лековите на реверс: Па не сме зеле столови и градежен материјал, сме зеле лекови за пациенти што веќе биле на терапија
Поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Никола Васев, пред пратениците призна дека се користеле лекови земени на реверс за што вели дека е правно недозволиво, но го практикувале оти Хипократовата заклетва ги обврзува да не ги остават пациентите без лекови. Васев објасни дека на реверс се зеле лекови само во случаите кога не смееле да дозволат да им се прекине терапијата на пациенти што веќе почнале да ја примаат.
„Прво, апсолутно се согласувам дека реверсот не треба да се користи. Главна намена на реверсите беше да не се прекине биолошката терапија што пациентите почнале да ја примаат. Тендерската постапка за тие лекови беше почната, не е земен реверс без постапка. Постапката беше почната, но два-три месеци задоцни. Ниту јас ниту кој било не смееше да го загрози животот на пациентите што веќе почнале да ја примаат терапијата. Тие лекови значеа живот за нив и тоа е поскапо. Не знам што би кажал друго тука. Тука се крши Хипократовата заклетва со правната одговорност на Институтот. Тие две заклетви овде не може да ги споите. Па не сме зеле столови и градежен материјал, сме зеле лекови од една фирма кога и не може друга да конкурира. И, второ, јас сум се обезбедил со писмо што ќе ви го доставам дека ако тие фирми изгубат на тендерот, тој лек ќе биде донација. Тоа писмо ќе го доставам кај вашата претседателка“, рече Васев укажувајќи дека три месеци пред да се потрошат лековите во резервите редовно ги известувале Фондот за здравство и Министерството за здравство.
Поранешниот директор Васев како свој неуспех призна дека го смета и тоа што не успеал да воведе пракса за стручен колегиум, на кој барем еднаш неделно сите лекари од Клиниката ќе седнат на исто место. Тој рече дека на Онкологија стручен колегиум не се одржал 10 години.
Васев имаше објаснување и за обвинувањата дека лично тој со потпис одобрувал кој пациент ќе добие терапија. Укажа дека раководителите на одделенија одлучувале кому ќе му дадат лек и не си се мешале едни на други во работата, а кај него на потпис стигнувале оти водел евиденција.
„Докторите ги пишуваа историите со лекови, сестрите ги собираа историите, доаѓаа кај мене за потпис – не за тоа дали да зема или не, туку дека тој лек го има на Институтот и јас си водев евиденција да не надминеме количини што ни беа строго дефинирани. Не знам во кој случај било загрозено правото на пациентите да имаат пристап до биолошката терапија ако на сите пациенти им се одобрува терапијата“, рече поранешниот директор Васев.
Денес прва прашање му постави претседателката на анкетната комисија, Рашела Мизрахи. Откога му прочита дел од наодите на Државниот завод за ревизија, кои укажуваат на лошото работење на Клиниката и сомнежот дека немале сите болни еднаков пристап до лекување, му постави само едно прашање: кој му дал согласност или насока за да направи таков хаос на Клиниката за онкологија?
„Никогаш не ми била намерата да креирам хаос. Функцијата ја прифатив од министерот за здравство Таравари по долго убедување. Искрено, се мислев дали да ја прифатам, но како најстар доктор на Институтот чувствував малку и одговорност мислејќи дека ќе ја подобрам здравствената заштита на нашите пациенти. 35 години работам со онколошки пациенти, ниеден човек од мојата врата не сум вратил. Го читавме извештајот, за жал, го добивме откога не сум на функција. Не можевме да одговориме, веројатно сум имал право, не сум знаел за тоа. Сигурно ќе се обидев да одговорам на сите наводи“, рече Васев.
Неговиот став, и покрај наодите на Државниот завод за ревизија, е дека ниту еден пациент не бил оставен без терапија.
Васев беше директор на Клиниката за радиотерпија и онкологија од 21 јуни 2017 година до 2 ноември 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.

