Македонија
Веќе е готов нов закон со кој се предвидува не само етничка туку и полова и секаква друга застапеност во институциите, уверува Таравари
Со нов закон ќе се гарантираат етничка, полова и застапеност во институциите на сите категории луѓе што живеат во државата, рече денес министерот за здравство, Арбен Таравари, по вчерашното укинување на балансерот за вработување во јавните институции. Тој нагласи дека Уставниот суд одлучил на површина да извади проблеми што стојат со години во судот во првите сто дена од Владата, но уверува дека и по укинувањето на балансерот, етничката застапеност е проблем што лесно може да се реши.
„Многу едноставно ќе се најде механизам, кога етничката припадност е уставна категорија, ни треба нов закон. Со законот ќе се предвидат не само етничката туку и половата и секаква друга еднаквост во институциите на системот. Законот е готов од наша страна, очекуваме и мислења, кои доаѓаат од меѓународни експерти и од Европската комисија, и се надевам набргу ќе го процесираме овој закон во парламентот“, рече министерот Таравари.
Уставниот суд вчера го укина балансерот за вработувања и забрани во огласите за вработување да стои етничката припадност. Доцна синоќа на прес-конференција пред Уставниот суд, ДУИ оцени дека одлуката на судиите е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на државата. ДУИ ги повика сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат и ги осигурат граѓаните дека правичната застапеност ќе биде непроменета.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, вчера, по укинувањето на балансерот, рече дека лага и манипулација е тврдењето дека Уставниот суд со одлуката укинал права на која било заедница. Тој укажа дека темелната и соодветна правична застапеност е во Уставот, постои, не може да стане збор за нејзино укинување и ги повика пратениците да најдат решение кое нема да биде противуставно.
„Апелирам до граѓаните, до државните органи, политичарите, ако навистина ѝ мислат добро на Републиката, ако навистина сакаат правна држава во која ќе владее правото, своите јавно прокламирани ставови и заложби за владеење на правото, за европски вредности, да ги усогласат со своите постапки. Секое дејстување надвор од овие рамки за мене е чиста манипулација со граѓаните, каква што беше и манипулацијата дека судот со своето постапување по ова или по кој било друг предмет може да ги наруши политичките, етничките односи или да биде повод за дестабилизација“, рече претседателот Костадиновски.
Меѓу другото, тој објасни дека балансерот е укинат оти како мерка, судејќи според многу извештаи, меѓу кои и извештаи на Европската комисија, место да обезбедува правична застапеност, со години веќе продуцира дискриминација оти дозволува помалку стручни кадри да добијат работни места во администрацијата само врз основа на етничка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

